Стечајот на Еуростандард банка – доказ за себеуништување
Почитувани читатели, со денешната колумна посветена на Еуростандард банка, ги споделувам моите размисли за вистинскиот губитник на овој непромислен стечај.
Евидентно е дека после неполни 5 години, од отворениот стечај на Еуростандард банка, во стечајната маса на финансиските средства има многу повеќе отколку што е самото обесштетување на правните и физички лица, клиенти на банката. Овој факт сам по себе докажува дека стечајот на Еуростандард банка е направен со умисла.
Изминатиов викенд го поминав во Негорски бањи, каде се одржа 34-та по ред манифестација „Асовите бираат асови”, водена од организаторот и новинар Бошко Трпевски. На настанот беа присутни врвни учесници и спортисти од дамнешни и денешни времиња.
Ја споделувам мојата радост сo вас, дека сум добитник на највисокото признание на овој настан „Златно спортско перо” , како долгогодишен поддржувач на спортот во Македонија. Добив високо признание од Карате федерацијата за мојата поддршка уште од раните 90-ти години на минатиот век. Официјално станав и почесен „Голем Мајстор” во карате спортот, видно возбуден кога ја примив плакетата лично врачена од Владимир Радиќ ,некогашниот тренер на ,,Кометал-Ѓорче Петров”.
Почитувани читатели, од една страна многу радости и заслуги во мојот живот, но од друга страна многу горчини поради стечајот на банката. Зошто мораше да се случи стечајот на Еуростандард банка? Кој губи?
Факт е дека најдиректно сме засегнати јас и моето семејство, бидејќи сите клиенти на Еуростандард банка, правните и физички лица се или најскоро ќе бидат обештетени во целост. Но, кога подлабоко ќе размислам, суштински доаѓам до заклучокот дека главниот губитник од стечајот е нашата држава и нејзините граѓани. А, еве и зошто така размислувам.
Во Негорските бањи, речиси 20 години сме мнозински акционери или сопственици. Бањскиот туризам е во подем. Објективно, истиот бара инвестиции за неговата надградба, со една цел: клиентите и пациентите кои се гости во оваа бања, да бидат задоволни од престојот и третманот и да посакаат повторно да се вратат.
Кон крајот на 2019 година изготвивме сериозен финален проект за развој на бањата. Во проектот беше предвидена комплетна реконструкција на физиотерапевтскиот и базенскиот дел каде што од денешни 600м2 требаше да прерасне во 2400 м2 површина за физиотерапевтски дел, како и за базените коишто ќе беа внатрешни и надворешни, со најсовремена опрема во физиотерапевтскиот дел, со високо едуциран и стручен кадар. Во проектот беше предвидена реконструкција и на 15-тина вили кои требаше да прераснат во убави сместувачки капацитети за луѓе со посебни потреби. Предвидени беа и спортски терени за тенис, кошарка, фудбал и одбојка, каде што требаше да земат големо учество спортистите од целиот гевгелиски и валандовски регион.
Модерниот спорт денеска во светот бара силни физиотерапевтски простории за вежбање, со најквалитетна опрема и современи терени. Ние имавме сериозна намера токму такви и да понудиме.
Што имаме денес во Негорски бањи?
Физиотерапевтскиот и бањскиот оддел останаа на своите 600м2. Изминативе 5 години не се инвестираше.
Денес базените се реконструираат, меѓутоа за мене тоа е најобична шминка. Вкупно 15-те вили зјаат како авети, а на предвидените терени за тенис, кошарка и фудбал, ,,спортуваат” подземни кртови. Звучи патетично, но тоа е вистината.
Почитувани читатели, Еуростандард банка требаше да го финансира овој проект со блиску 6 милиони евра. Денес ќе имавме вистински рај. Од така уредените Негорски бањи најмногу ќе беа задоволни гостите кои најзаслужено требаше да уживаат во убавините на своето поднебје. Имавме сериозна намера да понудиме квалитет, подигнувајќи ја повисоко и туристичката димензија на Македонија.
Почитувани читатели замислете, екипата на стечајниот управник која го води стечајот на Еуростандард банка, до ден денешен има потрошено токму 6 милиони евра за водење на стечајната постапка.
Повторувам, се трошат мои пари за убиство на Еуростандард банка! Вкупно 6 милиони евра со самиот стечај кои беа наменети за моите сограѓани и потенцијални гости на бањата. Ова е жалната вистина за мојата и ваша Македонија. Од суета и љубомора сами себе се уништуваме. Мојот пријател и другар, почитуваниот професор Љупчо Кекеновски од Економскиот факултет при универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” при неговото гостување во емисијата „Трилинг” на прашањето од неговиот домаќин: „Дали ова значи дека не созреавме во овие три децении како држава” тој одговори: „Како држава ние сме посебна приказна. Ние сме прирачник за себеуништување како држава и народ”.
Дефетизмот владее во Република Македонија од причина што институциите кои што треба да ја градат државата и да обезбедат просперитет на сопствените граѓани, веќе во континуитет потфрлуваат. Верувам во мојата Македонија и мојот народ. Продолжувам со борбата за нејзиниот опстанок и развој. Никогаш нема да се откажам од мојата борба за Еуростандард банка и упорноста сторителите на овој грозоморен чин да ги изведам пред лицето на правдатa.
Tрифун Костовски