Струја за сите

Владата отиде на преговори со Арачиново, со жителите и градоначалникот се договориле да дозволат да влезат екипи на ЕВН и да ги исклучат дивоприклучените на струја. За плаќање сметки ќе зборуваат во некоја подоцнежна фаза на преговорите.

Ајде сега, без политиканство и без да се обвинуваме кој е националист, а кој космополит, без да мешаме во приказнава Албанци, Македонци и сите останати наброени во Преамбулата на Уставот, да се обидеме со прости зборови да опишеме што се случи во Арачиново, откако цела општина остана без струја поради преоптоварување на трафостаниците затоа што имало многу диви приклучоци, а на ЕВН им било страв да влезат да го санираат дефектот. Во земја што е членка на НАТО и земја која сериозно се подготвува за преговори со ЕУ, Владата преговара со жителите на едно село да им дозволат на екипи на ЕВН, со помош на полицијата, да ги исклучат дивоприклучените што не плаќаат струја, за да може чесните граѓани што си ги плаќаат сметките да имаат струја.

Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека е точно оти во Арачиново има загуби на струја, но и во други општини има иста ситуација. Тој вели дека „крадење на електрична енергија е кривично дело, но тоа не е проблем само на една компанија туку на системот кој треба да ја реши оваа работа“, и додаде дека „во секоја општина и во секое семејство има некој кој не ги почитува регулативите“, па затоа „ќе побарам и од МВР да постапат во сите општини каде има големи загуби на електрична енергија“.

Е штом не е само Арачиново, тогаш веќе тоа е олеснителна околност. А зошто во Арачиново не може да влезат екипи на ЕВН? Кај мене во зграда кога доаѓаат луѓето од ЕВН да ги проверат струјомерите не доаѓаат со полиција. И на парнаџиите, кога ја регулираат температурата на греењето, без полиција им отвараме врата. Зошто треба да трошиме скапо обучен полициски кадар за да наплаќа комуналии? И зошто Владата кога тоа ќе го каже на телевизија очекува да го прифатиме како успех? Па уште и ќе отвoраме дискусија колку било нехумано да му се исклучи струјата на тој што ја краде од мене. Еве, солзи ми течат додека ги плаќам сметките и размислувам за тешкатa судбина на крадците на струја.

Туку, ќути, барем ЕВН има екипи за струја, па само уште полиција им фали да им помогне. И еве, во овој случај државата ќе ѝ помогне на приватна компанија да си ги наплати сметките. Но, кој ќе ѝ помогне на државата да си ги наплати своите даноци? Пак ли ќе влегуваат меѓународни преговарачи во Арачиново, како во 2001?

Колумната на  Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close