Судијата Ељведин Ферати преполагал за да му ги пречкртаат оценките и заменат со нови – Обвинителството нема да го гони
Обвинителството нема да го гони судијата Ељведин Ферати од Тетово, оти обвинителите утврдиле дека оценките биле пречкртани бидејќи тој ги преполагал предметите. Откако добил повисоки оценки, можел и да се пријави на Академијата за судии и јавни обвинители. Поради ова, Обвинителството констатира дека Ферати не сторил никакво прекршување на закон.
„По поднесено известување од Државниот просветен инспекторат, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет и ја прибави целокупната документација од досието на наведениот студент од Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово и од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Во прилог на досието беа доставени и материјални докази – барања, решенија и пријави за повторно полагање, како и доказ за добиени оценки за четири предмети со кои Факултетот потврдува дека во 2014 година студентот ги преполагал испитите и добил оценки со кои го зголемил својот просек над 8,00, по што се пријавил за кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители. Ваквата информација на 31.01.2024 година Државниот универзитет во Тетово ја доставил и до Државниот просветен инспекторат, како дополнување на списите врз основа на кои бил изготвен Записникот за извршен инспекциски надзор во јуни 2023 година
Имајќи ги предвид доставените документи, јавниот обвинител кој постапуваше во предметот на 10.03.2025 година донесе резолуција со која констатираше дека не се исполнети елементите врз основа на кои би можел да преземе кривичен прогон по службена должност“, велат од Обвинителството за „Скопје1“.
Судијата Ферати дипломирал како дел од шестата генерација слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители. Тој, се пријавил дека има оценка 8,20, додека во дипломата за завршени студии по право на Тетовскиот универзитет, имал просек 7,88. Ова го утврди и соопшти Антикорупциска во декември 2023 година.
Тогаш беше посочено дека кога Државниот инспекторат влегол во Тетовскиот универзитет, во матичната книга, кај Ферати имало поправено три оценки со пречкетување, а истите биле поправени со повисоки.
По ова, во септември минатата година беше отворена предистрага. Скопското Обвинителство за „СДК“ тогаш изјави дека постапува и презема дејствија за да ги испита овие тврдења