Трамп го посакува Инфантино за иден генерален секретар на ООН

Американскиот претседател, Доналд Трамп, смета дека претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, би бил соодветен кандидат за иден генерален секретар на Обединетите нации, објави американскиот весник „Њујорк пост“ повикувајќи се на извори блиски до Трамп.

Според нујоршкиот весник, Трамп високо го оценил начинот на кој Инфантино го организирал Светското фудбалско првенство во САД, Канада и Мексико, а по завршувањето на турнирот изјавил дека станува збор за „најголемото Светско првенство досега организирано“.

Американскиот претседател смета дека Инфантино е почитуван ширум светот и дека има способност да ги обединува луѓето.

Италијанско-американскиот бизнисмен Паоло Замполи, пратеник на Трамп за глобални партнерства и личен пријател на Инфантино, изјави дека само Трамп можел да има таква идеја и оцени дека шефот на ФИФА би завршил „одлична работа“ како генерален секретар на ОН.

Мандатот на актуелниот генерален секретар на ОН, Португалецот Антонио Гутереш, истекува на крајот на оваа година, а негов наследник треба да биде избран наесен.

Новиот генерален секретар мора да добие поддршка од 15-те членки на Советот за безбедност на ОН, при што петте постојани членки имаат право на вето.

Меѓу потенцијалните кандидати досега се споменуваат поранешната чилеанска претседателка Мишел Бачелет и Рафаел Гроси, директор на Меѓународната агенција за атомска енергија.

 

Не е познато дали Инфантино би бил заинтересиран за таа функција. Тој досега не ги коментирал информациите за идејата на Трамп, а веќе најави дека ќе се кандидира за нов мандат на чело на ФИФА.

Инфантино моментално на функцијата претседател на ФИФА има годишни примања од околу шест милиони долари, додека генералниот секретар на ОН има плата од околу 418 илјади долари годишно.

 

Трамп во повеќе наврати ја критикуваше ОН поради, како што оценува, недоволната ефикасност и неспособноста да ги спречи конфликтите во светот. На почетокот на оваа година тој формираше и ново тело наречено Совет за мир, за кое дел од аналитичарите сметаа дека би можело да претставува конкуренција на ОН.

 

Функцијата генерален секретар на ОН традиционално се избира според регионален принцип, а се очекува оваа година кандидатот да дојде од Латинска Америка, бидејќи последниот генерален секретар од тој регион беше перуанецот Хавиер Перес де Куељар, кој ја извршуваше функцијата од 1982 до 1991 година.

Џани Инфантино е роден во Швајцарија. Во текот на Светското првенство, ФИФА и Инфантино беа критикувани поради случајот со поништенате суспензија на американскиот фудбалер Фоларин Балогун по интервенција на Трамп, но дел од медиумите ценат дека тоа нема да влијае врз шансите на Инфантино за реизбор на чело на ФИФА

Back to top button
Close