Треба да се напушти овој дом

Првин не беше нужно да имаме нож: лебот завиткан во весник се одвиткуваше сам дрдореше, се смееше, беше нефатливо среќен сам да ни се принесува на уста.

Немавме завеси и столови, ѕидовите беа празни и наутро шеташе сосем слободно сонцето по нив, а напладне беше тоа веќе Ван Гог, тоа беа полиња зрело жито.

Потоа почна да слабее светлината, почна да се смрачува благо и речиси не видовме како нашиот мал а простран дом доби завеси, радио, телефон и друго, но уште почудно беше дека тие работи продолжија да ни идат по истиот начин, дека место најдоа дури и во очите, во здивот, во нашите затворени усти, дека дури и зборовите ги запоседнаа.

Сега сонцето е скиснат старец со лумбаго и одвај се влечка некако по ѕидовите, зрелото жито одамна е ожнеано таму, лебот стои на масата, молчи, а ножот ни говори упорно за својата намена.

Можеби треба да се напушти овој дом во кој се среќаваме случајно и ретко, можебе треба да се почне наново: вовлечи се во моето стуткано срце, речи му на твоето да постапи така, да се подотвори и да се насмее и ако е тоа веќе работа на смртта – нека биде како што решивме некогаш: да се умре просто, еден заради друг.

Впрочем, сето што дојде потоа п така ќе не надживее – Причината е проста но фактичка: никој заради никого не би сакал да умре. Оваа песна од мојата книга „Строго доверливо“ (1984) првпат е објавена на хрватски во загрепски „Телеграм“ во претходната 1983, заедно со неколку други песни од истата книга.

Главен уредник тогаш беше поетот Горан Бабиќ со кого често се среќаваме на литературни читања во републичките центри на тогашна Југославија. Некаде во април од таа 1983 јас гостував на поетската средба „Гораново пролеќе.“ во Загреб. Беше предвидено литературно читање во Политичката школа во Кумровец, родното место ја Јосип Броз Тито. Салата беше преполна со питомци-слушатели, идните кадри на партиската и државна власт. Во првиот ред седеа нивните наставници-офицери.

Настапив и јас. Дали затоа што ги имав со себе само тие песни од „Телеграм,“ или по диктат на моето „мало ѓаволче во душата“ (израз на писателот Ацо Алексиев од неговиот роман „Деветте круга на пеколот“) јас решив да ја прочитам песната „Треба напустити овој дом,“ како што беше преведена на хрватски. Само што го изговорив насловот, завладеа мртва тишина.

Почнав да читам полугласно и брзо, прескокнав половина од песната, а пак ми се чинеше дека е долга како – поема. Кога го завршив читањето, немаше ни аплауз, ни бутур. Имав чувство дека од таа мртва тишина дува некој леден, сибирски ветер.

Не се сеќавам воопшто дали и колкумина читаа по мене. Се сеќавам само на зборовите од мојот пријател Горан Бабиќ кој, на излегување, ми шепна: „Да ми је знати само, стари мој, како ќемо спасит дупе.“

Тогаш стана главен на Југославија Стане Доланц кого го паметам по говор во кој алудираше на писателот Драгослав Михајловиќ: „Набит ќемо их у мишјој рупи,“ грмеше Доланц.

Се сетив на оваа песна и на нејзиниот хрватски превод откако, на својот пост, писателот Димитрие Дурацовски ја постави мојата песна „Константин Миладинов и руското кокиче“ објавена, исто така, во мојата книга „Строго доверливо.“

Back to top button
Close