Учениците на рати ќе ја добиваат финансиската помош што требаше да им биде исплатена во мај


Финансиската помош што претходниот министер за образование не успеа целосно да ја испорача до основците и средношколците, ќе биде исплатена, соопшти новата министерка за образование и наука, Весна Јаневска. Од Министерството за образование и наука за „Слободен печат“ велат дека досега 100.000 ученици се исплатени за декември и јануари, а денеска ќе почне исплатата за февруари и март.

– Учениците нема веднаш да ја добијат целата сума од финансиската поддршка, тоа ќе го правиме етапно, велат од Министерството.

Родителите на учениците кои ја користеа оваа помош често се жалеа дека не им се исплаќаат средствата, додека од МОН уверуваа дека сите ученици кои имале комплетна документација ги добиле парите.

Предвидено беше исплатата да се одвива етапно, односно како училиштата доставуваат информации за апликанти кои ги исполнуваат условите, така да се префрлаат налози за префрлање на средствата.

Учениците требаше да добиваат надоместок во износ од 1.200, односно 1.800 денари, во период од шест месеци, започнувајќи од декември минатата година.

Финансиската поддршка беше дел од деветтиот пакет антикризни мерки на претходната власт, а опфатени беа околу 105 илјади ученици од основните и средните училишта кои потекнуваат од семејства со ниски месечни примања до 50 илјади денари.

На првиот повик во декември се пријавија 75 илјади основци и 25 илјади средношколци. Сите оние кои не се пријавија на тој повик или беа одбиени имаа можност секој месец, најдоцна до петтиот ден да се пријават на повикот.

Back to top button
Close