Јун Сук-јеол: Парламентот стана чудовиште, ќе се борам до крај
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јеол, кој се соочува со смена откако се обиде да воведе вонредна состојба пред една недела, рече дека „ќе се бори до последен момент“, обвинувајќи ја опозицијата дека предизвикува национална криза.
-Парламентот стана чудовиште што го уништува уставниот поредок на либералната демократија, рече Јун во телевизискиот говор. „Ќе се борам со народот до последен момент“, додаде тој, потврдувајќи дека „нема да бега од правна и политичка одговорност за прогласување вонредна состојба“.
Јун Сук Јеол ја запрепасти земјата со тоа што ненадејно воведе вонредна состојба ноќта меѓу 3 и 4 декември, пред да биде принуден да ја укине шест часа подоцна под притисок на парламентот и немири на улиците во Сеул.
По одлуката на претседателот, народот почна да се собира пред парламентот, каде што дојде до судири. Армијата влезе и во зградата на парламентот. Пратениците го пробија полицискиот кордон, некои ја прескокнаа оградата за да влезат во парламентот и да побараат од Јун да ја укине воената состојба неколку часа откако беше прогласена.
Ситуацијата се смири по блокадата на прогласувањето вонредна состојба.
Јун сега е под кривична истрага за наводен бунт поради неуспешното прогласување на воена состојба, што ја предизвика најголемата политичка криза во Јужна Кореја во изминатите децении.
Тој избегна барање за разрешување од страна на Националното собрание во саботата, а беше спасен од неговата партија. Но, сега се соочува со второ гласање за импичмент во Парламентот, што се очекува в сабота.
Неговите коментари денеска, дојдоа откако лидерот на партијата на Јун рече дека претседателот не покажал знаци дека ќе поднесе оставка и дека мора да биде отповикан.