Условни казни затвор за тројца полицајци од Кочани: Судот пресече за случајот поврзан со дискотеката „Пулс
Основниот кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни тројцата полицајци од Кочани обвинети за злоупотреба на службената положба. На Кире Богатинов и Горан Лазаров им е изречена условна казна затвор од една година, додека командирот на ПС Кочани, Александар Темелков, е осуден на условна казна од две години, која нема да се изврши доколку во период од четири години не стори ново дело.

Судијката Лидија Петровска во образложението на пресудата истакна дека судот ги зел предвид олеснителните околности, но нагласи дека суштината на нивната должност изостанала.
„Обвинетите своите службени должности ги извршиле само привидно. Формата била запазена, но суштината изостанала. Формалното постапување што не води кон резултат не претставува извршување на должноста, туку нејзино неизвршување. Како последица на ваквото постапување, не била поведена прекршочна постапка против носителот на дејноста и одговорното лице, со што им била овозможена некаква имотна корист во вид на неповедување на прекршочната постапка“, изјави судијката.
Според пресудата, Богатинов и Лазаров не утврдиле кое правно лице ја врши дејноста во дискотеката „Пулс“ и внеле податоци кои не се од официјални документи.
„Кога службеното овластување се сведува на форма без содржина, правната заштита станува привид, а одговорноста е изиграна. Површното извршување на службената должност создава впечаток дека некои субјекти се „недопирливи“ и се надвор од дофатот на законот. Во правна држава тоа не смее да постои“, нагласи Петровска.
За командирот Темелков, Судот утврдил дека тој располагал со податоци за лиценцата, но и покрај тоа одобрил постапка против субјект кој не ја вршел дејноста. Обвинетите ќе треба да ги платат и судските трошоци, а пресудата не е правосилна (press24)





