УСС ги прифаќаат критиките во врска со настанот -во наредните собири нема да има никакви обраќања на политичари
Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ упати јавно извинување до сите членови на академската заедница во врска со говорите на ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова и на министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешниот собир пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој беше организиран за да им се оддаде почит за 59 загинати во трагедијата во Кочани.
Во објавата на „Фејсбук“, од УСС велат дека ги прифаќаат критиките во врска со настанот и додаваат дека на наредните собири кои се предвидени до 21 март, нема да има никакви обраќања.
„Ова е прва наша организација од овој тип и се молиме дека ќе биде последна. Ги прифаќаме сите критики за овој и секој нареден настан, а и ние самите ги увидовме. На наредните собири нема да има никакви обраќања“, пишува во објавата.
Од УСС не објаснуваат дали организаторите ги поканиле да зборуваат ректорката на универзитетот, проф. д-р Билјана Ангелова и министерката за образование Весна Јаневска. Јаневска во обраќањето цитираше песна од Ацо Шопов која беше протолкувана како повик до студентите да молчат. На собирот потоа се обрати и единствениот студент кој зборуваше, за да им порача дека „не сме тука за да правиме бунт, туку за да бидеме сплотени и да оддадеме почит кон жрвите“.