В.д. директорот на Албанскиот ансамбл, Шкељким Јахи ќе распише конкурс за одново вработување на 33-цата уметници за кои не беше спроведена реаудиција

Директорот на Албанскиот ансамбл за народни игри и ора, Шкодран Толај кој вчера беше разрешен, не спровел реаудиција на 33-ца уметници од Ансамблот кои биле вработени пет години, иако според Законот за култура аудиција треба да се спроведува на секои три години. Утврдено е и дека ненаменски се потрошени 177 000 денари за проектот „Балканка турнеја“ во 2023 година. Јахи не доставил и шестмесечен извештај за своето работење за второто полугодие од 2023 година, а бил должен тоа да го стори според Законот за култура, рече денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, информирајќи што констатирал инспекцискиот надзор.

Според Љутков, сега за в.д. директор е назначен Шкељким Јахи кој е од редот на вработените во Ансамблот и тој ќе распише конкурс за одново вработување на 33-цата уметници.

-Јас добивав информации за Ансамблот. Сфативме дека таму ситуацијата не е добра, а тоа резултираше и со отпуштањето на 33-та вработени. Направена е голема штета врз културата во Македонија. Вендаш испративме инспекција. Како што кажав и во претходните изјави, таа траеше повеќе од десетина дена. Сега имаме назначено нов в.д. директор. Тој нов директор ќе распише сега повторно конкурс за одново вработување на тие 33-ца уметници. Се надевам дека во наредниов период, за околу месец дена, тие луѓе ќе бидат повторно вработени, а подоцна ќе ги внесеме и во Законот што ќе ги вклучи и останатите 166 на кои им истекува работниот стаж на исто овој начин и ќе добијат трајно вработување во текот на оваа година, објасни министерот, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Националниот конзерваторски центар.

Како што дополни Љутков, инспекторите сега увиделе и дека Толај ненаменски трошел пари.

-Инспекторите сега го увиделе тоа. Има нов в.д. директор и тој ќе си постапува и по однос на направената инспекција, а понатаму, како директор, ќе си ги преземе и сите потребни активности за расчистување на целиот случај, потенцира Љутков.

Back to top button
Close