Вчера се вакцинирале 14 илјади граѓани

Вакцинацијата во државава се одвива непречено на сите вакцинални пунктови, а преку официјалната веб-страница Вакцинација.мк веќе се пријавени над 303 илјади граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Според дневниот извештај на здравствените власти, прва доза вакцина вчера примиле 13 076 граѓани, а вкупно се вакцинирале 14 033 граѓани во текот на вчерашниот ден.

Во државата, пак, вкупно се аплицирани 145 043 дози вакцини, а од нив 121 181 граѓани се вакцинирани со прва доза, додека ревакцинирани се 23 862 граѓани.

Со последните бројки 35% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни граѓани, вработени во критична инфраструктура и други лица кои пројавиле интерес. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во „А1 арената“ во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close