(ВИДЕО) Архитектот и политиколог Тони Поповски со поддршка за кандидатура на Стево Пендаровски за втор претседателски мандат

Архиектот, политиколог и граѓански активист Тони Поповски преку видеообраќање на неговиот фејсбук-профил изразува поддршка за кандидатура на Стево Пендаровски за втор мандат како претседател на Република Северна Македонија.

„Со Стево Пендаровски се познавам првенствено преку граѓанскиот сектор. Во изминатиот период од неговиот мандат бев сведок дека во низа прилики различни граѓански организации ја имаа неговата поддршка. Се работи за организации кои се активни не само во областа на заштита на животната средина туку и во други карактеристични области за граѓанскиот сектор како што е заштитата на ранливите групи, социјалната заштита и заштита на децата, образованието. Понатаму, поддршката која Стево Пендаровски недвосмислено ја дава за развојот на интеркултурализмот во републиката и одржувањето на продуктивни меѓуетнички односи“,вели Поповски во обраќањето.

Според Поповски, во него автентичниот по граѓански каузи и проевропски граѓански сектор има докажан партнер за соработка.

Пендаровски, пишува Поповски, е умерен политичар кој обезбедува смирувачко присуство во политичкиот простор и има капацитет да посредува помеѓу лутите партиски ривали.

„Неспорен е и неговиот меѓународен углед не само како претседател на републиката туку и како меѓународно угледен безбедносен експерт. Таа експертиза нас како држава и општество ни е неопходна во едно зовриено геополитичко опкружување“ додава Поповски.

Тони Поповски, дипломиран инженер архитект и магистер на политички науки, во јавноста е познат како прв министер за животна средина и просторно планирање. Тој, повеќе од три и пол децении, е граѓански активист првенствено за заштита на животната средина и демократизацијата на општество.

Поповски е сопруг на амбасадорката на РСМ во Бугарија, Агнеса Руси-Поповска.

Поддршката на Поповски за Пендаровски доаѓа во момент кога актуелниот шеф на државата се уште не се изјаснил дали ќе се бори за втор мандат, а ни СДСМ нема соопштено кој ќе биде нивен кандидат на претседателските избори.

ВМРО-ДПМНЕ за 2 март ја најави конвенцијата за утврдување на претседателскиот кандидат. За најсериозна претендентка се смета пратеничката и професорка во пензија Гордана Силјановска-Давкова. Левица ќе собира 10 000 потписи за да ја кандидира професорката Билјана Ванковска, а во таков процес ќе влезе и коалицијата на опозициски партии кај Албанците за Арбен Таравари. Од ДУИ најавија дека деновиве ќе се знае и нивниот кандидат, но извесно е дека тоа нема да биде Ахмети. Се очекува и одлуката на ЗНАМ на Максим Димитриевски дали и со кој кандидат би учествувале во трката за шеф на државата.

Back to top button
Close