(Видео) Марк Руте од Скопје: Ако мислите дека Бугарија е оставена да прави што сака, тоа не е точно

Прашањето меѓу Бугарија и Северна Македонија е билатерално и не треба да ги запира притапните преговори. И ова не е мое мислење, туку на сите други земји членки на ЕУ, рече холандскиот премиер во изјава за неколку медиуми од земјава

На прашањето дали е можен пробив на декемврискиот самит на ЕУ, Руте рече дека е претпазлив оптимист

„Ако граѓаните на Северна Македонија мислат дека прашањето со Бугарија го оставаме да виси, дека не сме заинтересирани и дека Бугарија може да прави што сака, тоа не е точно. Колективно имаме многу разговори со владата во Бугарија и се надеваме дека по изборите в недела ќе се придвижиме напред“, порача холандскиот премиер Марк Руте, кој денеска престојува во посета на Скопје.

Во изјава за неколку медиуми од земјава, по средбата со премиерот Зоран Заев, а пред вечерата со претседателот Стево Пендаровски, Руте им порача на граѓаните на земјава да не губат верба во ЕУ, зашто Холандија и другите земји членки сакаат преговорите да почнат и Северна Македонија, еден ден, да стане членка на Унијата.

За тајмингот на посетата – еден ден пред гласањето доверба на Владата на Зоран Заев, холандскиот премиер рече дека, едноставно, е коинциденција.

„Коинциденција е, бидејќи оваа посета беше планирана пред еден месец и не можеше да се антиципира каква ќе биде актуелната политичка ситуација. Така што, не сакам да се мешам во домашните работи, но тука сум затоа што Холандија беше една од земјите што најдолго беше против пристапни преговори. Многу напредок беше постигнат во последните неколку години и лично сакав да ја испратам пораката дека сме многу среќни што ЕУ барем донесе одлука за почеток на преговори. Секако, за жал, го имаме проблемот со Бугарија што мораме да го решиме“,

рече Руте, кој во Скопје дојде по посетата на Тирана.

За можноста за позитивен исчекор во декември, холандскиот премиер рече дека е „претпазлив оптимист“.

Руте беше прашан и што ако има промена на владата во Скопје, дали тоа може да влијае на процесот.

„Не е на мене на шпекулирам. Ова е внатрешна политика на Северна Македонија. Јас лично сум добар пријател со премиерот Заев, но ќе работиме со секоја влада во Северна Македонија“,

порача тој.

На прашањето – ако сте граѓанин на Северна Македонија, дали би и верувале на ЕУ по сите потфрлања околу почетокот на пристапните преговори, Руте коментираше:

„Прво, за мојата земја. Холандија ги задржуваше пристапните преговори долго време, но мислам дека тоа беше – строго, но правично. Строго – одзеде време, но фер – па, кога сите чекори ќе се преземат, Холандија, Франција и другите рекоа – да за почеток на преговори. Ова прашање со Бугарија што се појави летото, секако, многу ме иритира, бидејќи тоа го попречува почетокот на меѓувладините конференции. Во таа смисла, би рекол – еј, луѓе, решете го ова, не вие, туку ЕУ.“

Холандскиот премиер доби и прашања за губењето на кредибилитетот на ЕУ во целиот регион и за растечкиот анти-ЕУ сентимент кај граѓаните на овие земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија.

„Прашањето меѓу Бугарија и Северна Македонија е билатерално и тоа не треба да ги запира пристапните преговори. Цврсто верувам во ова и тоа не е само мое мислење, туку на сите други земји членки на ЕУ. И, можеби, не е видливо за сите, но има многу дискусии со Бугарија, јас лично со претседателот Радев, но и другите колеги од ЕУ за да осигураме што е можно поскоро проблемот да се реши. Бидејќи не е добро по долго чекање на почеток на преговори, бидејќи јас чувствував дека тогаш Северна Македонија не беше подготвена, но сега е подготвена, а ова прашање е причина и се уште тоа не може да се случи. Тоа не е добро. Но, можам да ве уверам дека зад сцената, многу земји членки се обидуваат да разговараат со Бугарија и се надевам на најдоброто – дека по изборите на 14 ноември ќе продолжиме напред што е можно побрзо. Го разбирам ова размислување, но би побарал од граѓаните на Северна Македонија да не ја губат довербата во ЕУ. Сакаме да почнете преговори, сакаме еден ден, можеби, да станете полноправна членка, а во меѓувреме, да видиме на што можеме да работиме за многу практични резултати за Северна Македонија, но и за Албанија“,рече Руте.

Ова прва посета на холандски премиер на земјава во историјата на дипломатските односи меѓу Скопје и Хаг.

Back to top button
Close