Во документ на израелското Mинистерство за разузнавање се зборува за преместување на Палестинците од Газа во Синај
Во документ на израелското Министерство за разузнавање е претставена идејата за преселување на 2,3 милиони жители на Појасот Газа на Синајскиот Полуостров во Египет, објави „Тајмс оф Израел“.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху призна постоење таков документ, но го опиша како „концептуален“ и рече дека тој само изложува друга хипотетичка можна алтернатива.
Документот е со датум од 13 октомври – во него е опишана идејата за преместување на жителите на Газа во шаторски камп на северниот дел на Синајскиот Полуостров, потоа изградба на постојани градови за нив и создавање хуманитарен коридор.
Во документот не се споменува ништо за тоа што ќе се случи со територијата на Газа по преселувањето на нејзините жители. Досега нема сериозни дискусии во владата во врска со предлогот, се додава во извештајот на израелскиот медиум.
На 17 октомври, египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри во интервју за Си-Ен-Ен рече дека Каиро е подготвен да пропушти низ преминот Рафа на египетската граница со Газа камиони со хуманитарна помош за жителите на енклавата, но предупреди дека неговата земја нема намера да прими бегалци од таму на нејзина територија