Врати го зејтинот

Дали некој верува дека ќе се открие причината за пожарот во кругот на поранешната фабрика за мебел „Треска“ во скопската општина Центар? Дали некој верува и дека ќе има некоја истрага од што настанал пожарот? Дури и да има истрага, дури и да се открие некоја банална причина, дали некој ќе верува дека пожарот не бил подметнат за да се намали пазарната вредност на парцелите на кои треба да се градат згради? Цела ковид болница изгоре во Тетово, 14 луѓе изгореа, па истрагата заврши со кабелот како главноосомничен за пожарот, а сега треба да очекуваме истрага за пожар без жртви на супер атрактивно земјиште за градба во центарот на главниот град. Не сме толку наивни.

Никој не верува во институции. Ниту во државни, ниту во општински. Кога веќе зборуваме за урбано дивеење, треба веќе да ја смениме терминологијата. Тие што градоначалниците ги нарекуваат „инвеститори“ – не се инвеститори. Инвеститор носи некаков напредок. Инвеститор не би предизвикал пожар среде главен град, од кој, за среќа, само се задушивме. И треба да престанеме да се чудиме „како не им е срам!?“. Срам!? Сите што мислат дека некој градежник би се откажал од милионски ќар затоа што требало да му биде срам, не се баш саглам со умот. Зошто некој би се откажал од ќарот, кога нема кој да го казни? Ниту по сила на закон, а богами ниту по сила на гласачкото тело. Оти за кого и да гласаат граѓаните, исто им се фаќа. Власта се здружува само со тие од коишто може да земе пари за себе. На избори глумат дека ќе го бранат јавниот интерес. А штом дојдат на власт, го бранат само интересот на таканаречените инвеститори.

Во земјите на кои сакаме да се угледаме секаде има приватна сопственост. И секаде приватниот капитал е заштитен. И секаде има бизнисмени кои се занимаваат со градежништво. Ама, во тие земји државата не прави урбанистички планови по желба на градежниците. Општините решаваат што ќе има на одредени површини, ама не според ќефот на градежниците, туку според јавниот интерес. И сигурно, во тие земји градежниците не се сиромашни само затоа што граѓаните имаат добар квалитет на живот.

Целата колумна на Горан Михахловски на СДК.мк

Back to top button
Close