Жители на Шуто Оризари протестираа пред Град Скопје

Жителите на Шуто Оризари поддржани од ромската заедница од сите скопски општини вечерва протестираа пред Град Скопје под мотото „Шуто Оризари – заборавена општина – До кога?”, по повод 12 септември, денот на општина Шуто Оризари.

Градоначалникот на општината Курто Дудуш рече дека и Ромите заслужуваат чист воздух, заслужуваат нови климатизирани автобуси, 20 улици…  

– Колешке Данела Арсовска, ова е резултатот на онаа некомуникација со општините во градот Скопје. Ова е резултатот што ние како градоначалници немаме ваш телефонски број за консултација. Не сакате никаква комуникација на ниво на градоначалници. Не сакате да го слушнете гласот на Ромите во Скопје. Укажував преку канали, преку посредници дека ќе ви се случи Шутка пред канцеларии. И еве не денес тука сите тие што можеа да пешачат седум километри, сите се денес тука. Но, ви испраќам порака и од оние пензионери кои сакаа, но не можеа денеска да бидат со нас. Ви укажував и ви испраќав порака и од оние жени кои мораат секој ден кога се враќаат од работа да пешачат по два километри за да стигнат до нивните домови. Ви испраќам порака и од граѓаните на Скопје, депонијата во Визбегово е само три километри воздушна линија од  градот Скопје. Ако треба да се носи законот екоцид, тогаш прв треба да биде казнет таткото на градот Скопје зошто не чисти депонии, порача Дудуш.  

Тој рече дека Шутка не е повеќе тоа што е познато низ градот Скопје и пошироко, туку таму се градат трговски центри, се модернизираат старите пазари, жителите плаќаат даноци и комуналии на градот.  

-Бараме тоа што го плаќаме кон градот Скопје да се реинвестира за Ромите во Шуто Оризари. Не бараме милост, не бараме никој ништо да ни подари. Едноставно бараме тоа што ни следува, тоа што го плаќаат граѓаните и заслужуваат да се реинвестира во нивната средина таму каде што живеат, порача тој.  

Жителите на општината носеа транспаренти на кои пишуваше „Граѓаните на Шуто Оризари плаќаат даноци и комуналии”, „Реинвестирајте ги парите од граѓаните на Шуто Оризари во Шуто Оризари”.

 

Жителите побараа на наредна седница на Град Скопје на дневен ред да бидат и следните точки, како и позитивно да се реши за истите – ревидирање на договорот за јавен превоз помеѓу Град Скопје и приватните превозници и пренасочување и прераспоредување на приватните превозници во други општини со цел обезбедување на покриеност минимум 80 проценти во Шуто Оризари од страна на Јавното сообраќајно претпријатие.

Натаму, бараат реинвестирање на средства добиени од даночните обврзници од општина Шуто Оризари во Шуто Оризари преку изградба на 20 улици во внатрешноста на општината, партерно уредување на спортската сала во Шуто Оризари со цел нејзино ставање во употреба, изградба на нов парк во општината, изградба на канализациона мрежа во месноста Бараки, изградба на мултифункционални спортски игралишта и во село Горно Оризари, објавување огласи за вработување на Роми во администрацијата и јавните претпријатија во град Скопје.

Тие исто така бараат финансиска поддршка на спортски и културни здруженија во општина Шуто Оризари.

-Се надевам дека ја сфативте пораката сериозно. Мислам дека е убаво и во Шуто Оризари да се видат булевари, паркови. Шуто Оризари е дел од градот Скопје, рече Дудуш.

Back to top button
Close