Живите души на нашите деца во мртвите кожи на нашите претци

Половина век, Македонија и Бугарија беа раководени од една партија. Триесет години веќе не е така. Имаме партиски плурализам. Во услови на слобода, тој се изразува во спектар на различни идеологии кои коегзистираат во секоја демократска држава. На избори, народот ја произведува власта според принципот на броење а не на кршење на глави, како во автократските времиња. Сето ова е ново за нас на Балканот. За прв пат во нашите авторитарни традиции заживеавме во политички систем во кој власта не му удира клоци на народот туку обратно: народот и удира клоца на власта ако е незадоволен од нејзиното владеење. Во демократскиот систем ниту една партија не е повикана да определува што е национален или државен интерес, овластување кое го имаа комунистичките партиина Македонија и на Бугарија некогаш. Во една демократија, националниот или државниот интерес се формулира во парламентот од страна на претставниците на народот. Тој не е запишан во камен и зависи од меѓунардоната и домашната ситуација. Демистифициран во услови на плурализам и демократија, државен интерес е она што ќе изгласаат пратениците избрани на слободни избори. Ниту една партија, да повторам, не поседува монопол во дефинирањето на националниот или државниот интерес.

ВМРО-БНД е само една од партиите во Бугарија која, по воља на бугарските граѓани, не е ни во парламентот денес. Со други зборови, оваа партија не учествува во формулирањето на бугарската државна политика иако, како и секоја партија на националисти, смета дека токму таа е чувар на бугарската национална идеја. Нашето ВМРО, пак, е најголемата македонска партија со важна улога во формулирањето на нашата политика кон Бугарија иако и оваа партија погрешно смета дека е единствениот чувар на македонската национална идеја. Да се изедначат ставовите на една вонпарламентарна бугарска партија со бугарската држава е тотално погрешно. Влегување во комуникација со неа би значело заобиколување на надлежните бугарски институции и личности, вистинските репрезенти на бугарската државна политика, со кои бараме начин да ги надминеме нашите несогласувања. Но, ние сме суверена држава која има инструменти да им го ускрати гостопримството на оние кои ја негираат македонската нација нарекувајќи не „втора бугарска држава“.

Сега кога имаме своја меѓународно призната држава, имаме право и должност да ја браниме од обидите да се сврти тркалото на историјата назад, во времињата на балканските војни, кога соседните држави ги проектирале своите еднонационални проекти во мултинационална Македонија. Нема враќање на тие страшни времиња кога империјалистичките граници сечеле преку живи луѓе. На ова помислив кога ја прочитав пораката на бугарскиот писател Господинов на средба со читателите неодамна во Скопје: Одете во минатото но не ја затворајте вратата зад себе. Се присетив и на зборовите на Сартр кој повикува да не ги гнетиме живите души на нашите деца во мртвите кожи на нашите претци. Минатото, па и заедничкото, нема да ни избега. Со време ќе го осознаеме како што бугарската страна ќе ја осознае македонската сегашност. Во кавга со ВМРО-БДП, може да ни избега само денешницата и европската иднина. Взаемна почит и трпение меѓу двата народи е спасоносната формула за мир и соработка. Впрочем, ова е формулата со која ги остваривме најголемите победи: мирна независност и демократска трансформација на македонското општество. Со истата формула се помируваме и со соседите.

Денко Малески

Back to top button
Close