Злосторот на Народна банка

Почитувани читатели, во денешнава колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка, ќе се задржам на местото и улогата на Народна банка во банкарскиот сектор на Македонија и кои пропусти се направени при носењето на Еуростандард банка во стечај.

Народните банки во секоја држава претставуваат институции кои што го регулираат банкарскиот сектор. Имајќи предвид дека живееме и функционираме во општество, каде материјалните вредности се изразуваат во валути или народски кажано пари, тогаш местото и улогата на оваа институција е од фундаментално значење во функционирањето на државата.

Таа по вокација не смее да прави грешки или лоши проценки во финансискиот свет.

За жал овој состав на Народна банка на чело со Гувернерот Бежоска, направи низа пропусти , за кои сум убеден дека еден ден ќе сносат одговорности и ќе бидат казнети.

Најнапред Народна банка не ги користеше инструментите кои ги имаше на располагање, а тоа се вонредни мерки и воведување администрација во банката.

Таа ги прескокна овие два инструмента и ја однесе банката во стечај.

Очигледен е фактот дека во стечајната маса на Еуростандард банка има доволно средства за подмирување на сите физички и правни лица, клиенти на банката.

Така ќе се појави вишок на средства во стечајната маса. Додатно јавноста мора да знае дека целата стечајна постапка, која се води веќе 4 години, е финансирана од средства собрани во стечајната маса. До денес екипата која го води стечајот има потрошено повеќе од 5 милиони евра.

Госпоѓата Бежоска и нејзините нарачатели водени од мислата дека Еуростандард банка мора да се ликвидира по секоја цена, нѐ натераа нас, акционерите да вложиме сѐ во банката.

Докапитализацијата од 13 милиони евра е направена на 6 месеци пред носењето на банката во стечај. Во интервјуто на Гувернерот Бежоска, објавено за неделникот Фокус на 3 септември 2020 година, таа нѐ присилила за докапитализација со цел да бидат обезбедени правните и физички лица, клиенти на банката.

Во модерниот свет, докаптализацијата се третира како чин за спас на банката и банкарскиот сектор во земјата.

Цела година наназад од половината на 2019 до денот на стечајот, на банката ѝ беше одземено правото за работа со правни и физички лица.

Со вонредната ситуација, предизвикана од пандемијата Ковид-19,која траеше цели 97 дена, Техничката Влада го одзема правото и за присилна наплата на доспеаните побарувања на банката. Веселата математика на Народна банка со одземеното право за работа со правни и физички лица и правото за присилна наплата ја донесе банката во сериозна состојба.

Финален чин, каде што се гледа намерата на Народна банка да ја носи Еуростандард банка во стечај, е фактот што цели 3 месеци , потенцијалниот партнер за влегување во капиталната структура во банката не беше примен ниту на куртоазна, протоколарна средба.

Почитувани читатели, моите пишувани колумни, врзани со стечајот на Еуростандард банка ги срочив во книга која ќе биде официјално промовирана на 15 февруари 2024 година.

Книгата ќе послужи како доказ за злосторствата направени врз поединците во Република Македонија.

Говорам за поединци кои си ја сакаат својата татковина и кои што никогаш во животот немале никакви проблеми со институциите на системот во државата.

На промоцијата на книгата ќе бидат поканети сите институции на нашата држава.

Убеден сум дека бојкотот на институцијата Народна банка ќе постои, но трагата останува. Тој белег еден ден, кога ќе завладее правото и правната држава, ќе биде вистински доказ сторителот на ова злодело да се соочи со вистинските, до денес неказнети обвиненија.

Функцијата Гувернер на Народна банка, најнапред е обврска, а не привилегија и во дадениот случај само е инструмент во рацете на организираниот криминал и корупција.

Продолжувам до целосна победа токму сега, кога многу нешта се сѐ појасни и повидливи. Секој злостор има своја казна…

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close