4 Н

Комбинација на броеви и букви не е ништо ново. Повозрасните генерации  доцните шеесетите години ги забавуваше квартетот “4 М” (почетни букви на имињата на  пеачите). Во ерата на мобилна телефонија секојдневно се судираме со 4 ГБ  и футуристичкиот 5 ГБ.

Германците по повод новите мутации  на  вирусот Ковид 19 и настојувањата да се спречи ширењето, лансираа кратенка од бројки и букви 3 Г. (вакциниран,тестиран и оздравен), именки изведени од глаголите чији инфинитив, или  партицип започнуваат со буквата Г (geimpft, getestet, genesen). Кримската платформа, иницијатива на владата на Украина вчера (23.о.м.) го одржа самитот во Киев, на кој имаше повеќе од 40 учесници. Меѓу нив и  Др. Б.Османи ја претставуваше новата членка на НАТО. Тој после успешната акција на евакуација на наши државјани на времен престој во Кабул, успеа сите живи и здрави да ги врати дома. Притоа и самоиницијативно владата одлучила да прибере неколку стотици административци од понискиот ешалон који дадоа придонес последениве дваесетина години, Авганистан да се демократизира. Бројката на бегалци од Авганистан се очекува троструко да ги надмине предвидените 650. Се надеваме дека  вистинскиот број ќе биде транспарентен.

На самитот учествуваа и десетина МНР (во последен момент откажа министерот Х.Мас, миленикот на нашиот поранешен МНР, Н.Димитров), 4 премиери и 10 претседатели на држави, како и три спикери на националните парламенти. Темите се  4 П (познати) спрема украинското МСЗ, односно  МНР: усогласување на меѓународната политика (пред се НАТО и ЕУ) за непризнавање на анексијата на Крим, јакнење на санкции спрема Русија, заштитата на човековите права и меѓународното хуманитарно право, економски и еколошки загрозувања, безбедност во Азово-Црноморскиот регион. Цел е по прв пат по окупацијата на Крим прашањето да се пренесе на меѓународна сцена, потенцираше државникот Зелински. Се  потпиша и Кримска декларација и поканета е и Москва да се придружи кон документот, кој , се разбира, ќе ги стресе ѕидините на Кремљ и ќе ги релаксира односите на СР Македонија со Русија. Кога сум веќе кај Кримската декларација, се сетив на Кримската конференција попозната како Конференција на Јалта во 1945 година, кога  товариш Ј.В. Стаљин повеќе се залагаше од Рузвелт и Черчил, кога е во прашање судбината на Полска, која сега е најголемиот подржувач на Кримската платформа. Додуша не заостанува ниту Хрватска, чиј што премиер на самитот воскликна “Крим е Украина”. Паролата ми заличе како онаа на Фрањо (да тој) “Книн е хрватски”.   Едноставно моравме да имаме наш претставник, поради докажување на лојалноста кон НАТО, а и за задоволување на барањата на ЕУ за јакнење на санкции спрема Русија. Се е легитимно. Но тоа е оценка само за уметничкиот печаток (М.Бабовиќ). Следи објаснување.

Инсипириран од листата на учесници, а и темите од насловот на оваа колумна кој е комбинација на бројката 4 и буквата Н, ребус кој веднаш ќе ви го откријам. Станува збор како секогаш за нашата дипломатија која ја красат 4 Н (непрофесионална, неефикасна, неспособна, неинвентивна). Ова сепак бара подлабока анализа. Да почнам од најновото недоразбирање на линија МНР и Кабинетот на претседателот Пендаровски. Откако Османи замина за Киев, се огласи кабинет на Пендаровски, дека и тој на покана на угледниот претседател В. Зелински ќе учествува на свеченоста по повод 30 годишнината од независноста на Украина. 4 Г (грешки). Очигледно нема кохабитација. Доколку придаваме голем значај на овој настан, требаше  на самитот да не претставува претседателот Пендаровски, кој секако не е поканет денес или пак во нашата ткн. амбасада во Киев спијат. Единствено СРМ беше претставена со двајца учесници, МНР Османи и претседателот Пендаровски. Можеше еден да ја заврши работата. Останатите држави имаа по  еден претставник.  Мудриот Црногорски претседател остана дома ( “Ми и Руси 200 милиони”). Го испратија недоволно опитниот, младиот(37) политолог, министерот  Радуловиќ. Србија, доследно го игнорираше самитот. Второ, при вакви меропријатија потребна е синхронизација на Кабинетот на претседателот Пендаровски и кабинетот на премиерот Заев за личностите и темите за кои треба да разговараат. Во консултациите секако требаше да биден вклучен и првиот вице премиер Груби.Трето со оглед на темите на самитот и моменталната актуелна ситуација во регионот на Западен Балкан и Средна Азија, потребно беше да се одржат и соодветни консултации и усвои платформа. Секако и  Советот на амбасадорите, Стратешкиот совет па и  Дипломатскиот клуб можеше да дадат акл и кои секако би ги подржале чекорите на владата, овој пат, што се однесуваат на ставовите околу јакнењето на санкциите спрема Русија. Во тој контекст остана нејасно за нашата јавност колку точно руски дипломати се протерани од СРМ. Некои и по  “меки” сугестии   од влијателниот  партнер. Русите не можат да вратат со контра мерка. Нема кого да протераат. Четврто гледано протоколарно на ист настан да одат претседателот и МНР не е вообичаено, освен во официјални посети во која прилика се потпишуваат значајни документи. Тоа зборува за непрофесионалноста на нашата дипломатија. Неефикасноста се огледа во некадарноста да обезбеди валидни информации за темите за кои самитот ќе расправа. Информации од Авганистан имаме од википедија. Врз база на што донесуваме политички одлуки. Немаме сопствени извори. Тие кои ни пренесуваат информации прават дозирано и со намера да не усмерат кон идеите кои ги застапуваат нивните држави. Ние не можеме да процениме што е наш приоритет. Неспособноста се должи и на дипломатскиот кадар кој се испраќа, посебно на шефовите на Мисии. Во случајот со години практично немаме амбасада во Москва, а сакаме  изворно да ги слушнеме ставовите на Кремл, при што секако правиме и дипломатски грешки со што пополека се здобиваме на епитет на држава протекторат, што секако не е наша определба.

Неинвентивноста се огледа во случајот на Кримската  платформа, во несогледувањето на последиците на чувствителните прашања како што се анексии, отцепување, прогласување независнот, теми кои се уште лебдат над мрачното небо на западниот Балкан. Ние сме безидејни. Реагираме на инструкции однадвор, на начин како да се тоа наши одлуки. Надворешната политика ни служи за добивање дури и на локални избори.Тоа зборува за владеачки опортунизам. Изборите обично се добиваат на домашни теми, а не на меѓународна политика, која всушност не ни е целосно дефинирана. Инсајдерски информации укажуваат на тоа дека во МНР се прават списоци на дипломати кои треба дополнително да се наградат за своите активности, макар што и за  досегашните се претплатени. Критеријумите биле партиска определеност. Вистинско мерило. Парламентарните се пак не само борба за власт, туку и за сопствена безбедност и благосостојба. Претседателските избори  зависат, пред се, од исходот на парламентарните. Лидерите на големите партии нема да пропуштат да поентираат и во изборот на претседателот на државата, што кај нас редовно се повторува. Затоа ни се потребни 4 Р ( реална надворешна политика, рециклажа на системот, ремонт на институциите, ренесанса во образованието). Без тоа нема напредок и иднина.

СРМ мора да им конзистентна надворешна политика. Таа не треба да се федерализира. Секој да влече на своја страна. Стратешките цели се јасни, но патиштата до нив се трновити и магловити, што не гарантира остварување. Сегашната влада како главен аргумент за успех подметнува успех на меѓународен план, што е друго име за  наметнување на решенијата од страна на сајбијата на нашата надворешна политика. Опозицијата погрешно ги осенчува слабостите на оваа влада. Става акцент на маргинални прашања. Идеите им се често конфузни, што на коалицијата и дава шанса да ја потсетува опозцијата на нивните катастрофални грешки. Што се однесува на дипломатијата таа конечно треба да се упристои институционално како креатор на надворешната политика , а и протоколарно  со препознативлиот дипломатски стајлинг и однесување. И дипломатите се хомо политикус, се разбира. Но, само приватно. Кога се во институција МНР за нив постои само државен интерес. Ние сме далеко тоа да го разбереме, а камоли да го спроведеме. Затоа ќе останеме на маргините во меѓународниот лавиринт, во кој не е лесно да го пронајдеме излезот, посебно кога ни се  талкаме со врзани очи.

Можеби последнава реченица  е премногу песимистичка. Но триесет години тапкање во место дава основа за таков закључок. Затоа летнава колумна ја завршувам пак со комбинација на бројки и букви. Овој пат со 3 С (сега, сеопфатно и сестрано). Бројот три е нели среќен.

Ѓорѓи Мисајловски

 

 

 

 

Back to top button
Close