„За што беше потребен целиот овој циркуз, тавариш Путин!?“

Проблемот со украинската криза е што веќе не се наѕира нејзин поинаков расплет, освен „логичниот“:  откако Русите натрупаа толку многу војска на украинско-руско-белоруските граници и поставија услови кои другата страна (Украина, САД, ЕУ, НАТО), практично, не можат да ги прифатат, сега заканата содржана во сопствениот ултиматум Путин мора да ја спроведе, нешто воено да направи на украинска територија, бидејќи инаку би излегло дека е политички поразен на дипломатската бела маса, долга пет метри, во Кремаљ. Ако не, сите и по дома и надвор ќе го прашаат: „За што беше потребен целиот овој циркуз, тавариш Путин!?“

Тоа, накратко, е причината за паничните повици од Запад дека руската „инвазија“ на Украина е неминовна и дека можеби ќе почне веќе оваа недела (Украинците не се согласуваат со тоа), откако разно-разни евро-американски политичари, водени од различни мотиви, со месеци си ја обидуваа дипломатската „среќа“ (и сила) во разубедувањето на Путин да не го прави ова што сега ќе треба да го спроведе – или да се врати дома и пропагандно долго да објаснува дека, сепак, победил, иако ќе расте бројот на оние кои ќе му викаат дека „Царот е гол“.

 

Но, што и да стане во Украина, во Европа веќе нешто се случи: целата европска јавност нагло разбра дека, по 75 години мир и благосостојба, нова голема војна на Стариот континент е реално можна. Пост-југословенските воени конфликти од деведесеттите Европа никогаш не ги почувствува како лична загроза во безбедносна смисла, и покрај трагичноста на повеќегодишните крвави и разорни драми во Хрватска и Босна и Херцеговина, а потоа и бомбардирањето на Србија и пресметката на Косово. Безбедносните европски компликации веројатно ќе беа поинакви тие настани да се проширеа во Македонија каде воено ќе се вмешаа сите соседски и регионални сили, но до тоа не дојде. Така, безбедносниот „санитарен кордон“ околу бивша Југославија (а и, во тоа време, заради драматично воено, економски и морално ослабената Русија) успеа да ги сопре континенталните импликации од тој балкански хаотичен конфликт.

 

Но, сега веќе не е така. За тоа говорат и податоците од големото истражување на јавното мислење за кризата на европската безбедност и за ставовите на Европејците во врска со војната во Украина што минатата недела ги објави Европскиот совет за надворешни работи (EFCR), влијателна невладина организација со свои канцеларии во седум европски главни градови. Резултатите на истражувањето, спроведено во јануари годинава во седум европски држави (Финска, Франција, Германија, Италија, Полска, Романија и Шведска), јасно покажуваат дека можноста од војна во Европа повеќе не е незамислива и дека, за разлика од украинските компликации со руската окупација на Крим во 2014 година, сега мнозинството Европејци (во Полска дури 73%, во Романија 64%) на тековниот конфликт во Украина гледаат како на европска криза. Занимливо, овие гледишта особено се превладувачки кај помладото европско анкетирано население.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close