Референдум

Размислував деновиве и не можам да најдам некој логичен и оправдан мотив за ова колосално политичко промашување на ВМРО-ДПМНЕ во врска со најавениот референдум за повлекување од ,,Договорот за добрососедство“ со Република Бугарија. Ништо не ми е јасно, а верувам дека и на многумина други ништо не им е јасно. Прво најавуваа референдум за Францускиот предлог, па референдум за протоколот, сега пак бараат референдум за Договорот за добрососедство. Во наплив на патриотски занес, онака бесни и налутени, се колнеа и потпишуваа нотарски изјави дека по ниту една цена нема Бугарите да влезат во Уставот а сега велат дека немаат ништо против тоа Бугарите да влезат во Уставот, абе оди сега најди го крајот. Се прашувам по сто пати, онака искрено во себе, каква е оваа стратегија и политика?
Пред околу две години новата администрација на претседателот на САД Џозеф Бајден во врска со политичката ситуација во земјите од Западен Балкан издаде еден “Манифест“, во кој беше потенцирано дека во интерес на САД ќе биде стабилноста на Западен Балкан и сите оние кои што ќе работат на поткопување на мирот и стабилноста како и ЕУ интеграциите, ќе бидат ставени на “црна листа“. За ситуацијата во нашата земја тоа се однесуваше околу поткопување и закана по Меѓународните Договори зад кои застанаа силно нашите стратешки партнери, тука се мислеше пред се на ,,Преспанскиот договор“, ,,Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија“ како и ,,Охридскиот рамковен договор“. Е сега кој е интересот на ВМРО-ДПМНЕ да се руга и расправа со меѓународната заедница и да стане сигурно сериозен фактор за поткопување на безбедноста и стабилноста на земјата и поткопување и блокирање на нашата ЕУ интеграција, еве нека одговорат тие, јас не знам.
Која е стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ?
Секако прашував некои луѓе во опозицијата кои се доста разумни и разбираат меѓународна политика, не се во раководството таму и не можат да дојдат до израз со своите ставови и од нивните размислувања полека може да се склопи стратегијата и намерите на ВМРО-ДПМНЕ. Имено, тие процениле дека играње на оваа карта против Бугарија силно задира во емоциите на граѓаните и носи “големи“ политички поени што се покажало и на неодамнешните протести ова лето против Францускиот предлог. Со тоа ВМРО-ДПМНЕ има намера да игра на една карта, само со македонскиот електорат каде што постои во моментов една голема разочараност и пред се омраза против Бугарија, а се со цел да ги придобие македонските гласачи со една изразена предност и разлика пред владејачката СДСМ во пресрет на наредните избори за кои тие се надеваат дека ќе бидат предвремени. А потоа, кога ќе добијат власт, односно ако добијат, ќе ја “пеглаат“ со меѓународната, всушност ќе ја “пеглале“, како што велат тие. Значи поентата е додека се доберат до власт ќе прават се и ќе врескаат а ако дојдат на власт ќе ја “испеглаат“ со меѓународната, односно ниту референдум ќе спроведат, ниту договор ќе поништат, ниту пак ќе спречат Бугари во Устав да влезат, сето ова е само еден обид да се превеслаат Македонците жедни преку вода. Референдумот всушност во овој момент ќе служи за кревање на кондицијата на партијата, занимавање на сами со себе, за врескање по митинзите за тоа кој е предавник а кој патриот, играње со емоциите на граѓаните и собирање политички поени во пресрет на наредните избори кога и да се. Инаку зар постои некој кој верува дека овој референдум би успеал, во тоа никој не верува па ниту самите организатори. Но оваа стратегија сепак може многу лесно да им заврши во една слепа улица и да им се удри од глава затоа што ќе ги мобилизира сите други политички фактори во државата да направат една голема предизборна коалиција која би ја делегитимирала оваа политика на подолг рок, секако силно поддржани од меѓународниот фактор. Токму затоа не би играл на таа карта како што замислуваат тие.
Зошто Договорот за добрососедство не може да се поништи?
Меѓународните договори не се поништуваат еднострано затоа што тие претставуваат израз на волја на двете договорни страни, но сепак согласно меѓународно-правните правила постои можност да се повлечете од договорот и тоа секако е дозволено. Е сега она што не му го кажале на Христијан неговите стратешки советници, а јас деновиве го проверував во моите материјали и литература околу спогодувањето во меѓународното право и договорите, едноставно забележав дека за ваков тип на меѓународни договори за добрососедтво всушност и да нема пракса во светот дека некоја договорна страна го напуштила договорот, односно го “раскинала“, такво нешто не може да најдете. Имено, ваков тип на договори не се раскинуваат затоа што и немаат основа за престанок на нивната важност на која би се повикала некоја од страните. Договорите секогаш се прават со добра верба дека ќе се почитуваат и тие се во основа трајни, нераскинливи, доколку поинаку не е наведено во одредбите од договорот. Основата за престанок на овој Договор за добрососедство која ја истакнуваат претставниците на опозицијата е дека таму постојат асимилаторските одредби кои ја негираат нашата нација и идентитет, но сето ова се всушност паушални и бла бла муабети, такви одредби во договорот не постојат ако внимателно го читате. Тоа што некој од Бугарска страна го толкува или злоупотребува на друг начин е сосема друго прашање. Никој нема да Ве разбере ако преземете како држава еден ваков чекор, ниту експертите ниту сојузниците, никој, ова е преголем ризик за нас и значи конфронтирање и прекинување на нашиот пат кон преговори со ЕУ, на кого му треба тоа? Треба сериозно да им се објаснат на граѓаните последиците од една ваква неразумна политика и вакви интервенции кои нема да донесат ништо добро туку само проблеми.
Владата, парламентарното мнозинство, граѓаните, експертите, како и целата македонска јавност треба одлучно да застанат против овој предлог за вакви референдуми кои претставуваат еден вид измама затоа што ниту може да поминат ниту пак тие кои ги организираат мислат дека ќе успеат, освен што сакаат да прават проблеми. Токму затоа ова треба да биде поука за сите оние кои и во иднина на еден ваков манипулативен и крајно штетен начин ќе се обидуваат да ги злоупотребуваат емоциите на граѓаните во партиски цели. Ова е референдум кој директно се коси со нашите национални и стратешки интереси и е крајно проблематичен. Ова едноставно не може и не треба да помине.
м-р Глигор Стоименов






