Мојот другар Ане

Почитувани читатели, во процесот другарување пракса ни беше да баравме „сродни души„ во размислите, воспитувањето и животните навики, без разлика за која возраст се работи.
Ангел Велков со прекарот Ане е човек кој што цел живот го помина и го поминува практикувајќи го и развивајќи го ракометниот спорт во Република Македонија.
Евидентно е дека од сите тимски спортови, ракометот во машка и женска конкуренција , во сите селекции е единствениот спорт кој ја промовира Македонија надвор од нејзините граници. Секако дека мала заслуга за ова им припаѓа на семејството Велкови.
Ане како ракометен голман во младоста, а и денес како тренер на голмани во својата ракометна школа која ја водат заедно со неговата сопруга Милева- Лела, активно придонесува за развивање на спортот. Истовремено Ане и Лела денес се дел од Управниот одбор и помошни тренери во Женскиот ракометен клуб ,,Ѓорче Петров”, кој оваа година ја освои титулата Шампион на Република Македонија, успешно совладувајќи ги баражните препреки во Европското натпреварување со тимови од Исланд, а се надевам во блиска иднина и со тимови од Австрија.
Спортскиот дух вграден во Ане го издигна до димензија на човек „колос”. Типичен пример како спортот правилно го обликува вистинскиот човек како дел од нашата заедница, токму е Ане Велков со неговата сопруга Лела и нивните ќерки Ања и Ива. Сто процентно ракометно семејство!
За Ане, добронамерен човек, нема спорт, говорам за тимски спортови кој не го познава во детали.
Другарувањето со Ане отпочна пред 30 години. Првин како ерген, а потоа и како сопруг на Лела, која беше столб во шампионскиот тим на Кометал-Ѓорче Петров, редовно ги следевме натпреварите на Кометал-Ѓорче Петров.
Моминското презиме на Лела беше Јелача, репрезентативка на Женската ракометна репрезентација во бившата СФРЈ. Концептот на управата на Кометал-Ѓорчр Петров, беше да ги вдомиме девојките кои доаѓаа надвор од Македонија, односно да им понудиме нешто што на девојките многу им значи, а тоа е пред сѐ љубов и чувство на сигурност. Токму на тој план, Ане како бивш ракометар ја имаше од управата сета поддршка да ја освои Лела и да ја задржи во Македонија. Фактот дека таа наша намера успеа се Ане и Лела кои имаат две прекрасни ќерки, ракометарки.
Ане важи за принципиелен и праведен човек кој не поднесува неправда на која реагира на нему својствен начин со игнор. Заедничките другарувања, летувања, дочаци на Нови години, прослава на имендени, родендени, слави, беа секојдневие во нашата комуникација.
Спортувањето беше исто така сериозен предизвик во кој што Ане даваше посебна димензија со своето учество во фудбал и тенис.
Денес нашето другарување го практикуваме по фудбалските терени во мал фудбал, каде Ане секогаш стои на голманската позиција и признава дека е многу тешко да му се даде гол, ако тој реши да не го прими голот.
Ане го има вродено во себе системот на командување во тимските спортови како голман, бидејќи голманот е најсериозниот предуслов за успехот и неуспехот на тимскиот спорт. Со својата енергија која секогаш ја има застанувајќи на гол, дава сигурност на играчите од неговиот тим дека можат да сметаат на неговиот силен придонес во евентуалната победа. Тој е командант на одбраната и во нападот, особено во контрите.
Голманот во ракометниот спорт е една од најсилните алки за успех на тимот и токму на оваа позиција мора да бидат стамени луѓе со јак карактер и силно познавање на позицијата голман.
Денес Ане и Лела се дел од Управата на новиот Женски ракометен клуб Ѓорче Петров. Како познавачи и љубители на овој спорт во клубот даваат силна синергија меѓу ракометарките само со една цел, а таа е клубот да ниже победи. Впрочем, победата зависи од секој поединец на паркетот или на клупата за резерви.
Љубител е на ракиичка и мезе. Сака специјалитети од типот традиционални наши јадења како турли-тава, ама повеќе го мами прасечко или јагнешко печење.
Во дискусии влегува само на теми нему познати за кои може да даде било каков став. Не влегува во непознати дискусии да коментира или да соли памет. Последниве месеци од оваа година другаруваме многу често на тенеските терени на Зајчев рид каде двапати неделно играме тенис. После тенисот имаме второ полувреме на чија маса се вртат многу муабети, но темата спорт е толку широка и голема, што Ане како врвен познавач има свое место и респект во муабетите.
Ане по физикус е силен маж, малку елегантно пополнет, но со силни рефлекси и подвижност, успева да го надмине вишокот килограми. Навистина е задоволство кога таков човек на многу лесен начин ќе реагира на упатениот шут во фудбалот кон неговиот гол или кога треба да го брка малото но брзо топче на тениските терени.
Ане, биди ми жив и здрав уште многу години. Ние управата од стариот Кометал-Ѓорче Петров ви ги пренесовме вам на ЖРК Ѓорче Петров титулите кои несомнено ви даваат престиж , ама и обврски. Истрајте на вашиот пат со овој прекрасен клуб, а на терените за фудбал и тенис и натаму ќе се натпреваруваме само со една цел – да спортуваме и да сме живи и здрави.






