ЕСБ жртва на криминалот
Почитувани читатели, навршуваат 30 месеци од стечајот на Еуростандард банка. Но не заврши голготата околу прашањата за причините за ваквиот чин на Народна банка кои се сѐ уште нејасни, контрадикторни и со порака дека овој чин е направен со умисла.

Соединетите Американски Држави, најнапред преку нивната амбасада и амбасадори, со години наназад укажуваат на високиот степен на организиран криминал и корупција сеприсутни во нашето секојдневие. Претходничката на актуелниот амбасадор на САД во Македонија, Госпоѓата Брнс, не пропушташе настан во јавноста да не го потенцира ова општествено зло во нашето секојдневие.
Крајот на ноември, почетокот на декември минатата година, високиот претставник на Стејт Департментот за Западен Балкан, Господинот Ескобар, најави остра борба од страна на САД против ова општествено зло, сеприсутно во Република Македонија.
Следеа рафални изјави од сите органи и институции на Република Македонија, дека на ова зло треба да му се стави крај.
Изминаа три месеци од ваквите силни изјави и повторно завладеа сивило, во кое само крикот на граѓаните одекнува како екот. Факт е дека ова сеопшто општествено зло е присутно во нашето секојдневие и дека од дена на ден сѐ повеќе и повеќе се засилува во така-наречената македонска реалност.
Политичките партии ги интересира само власта. Со освојувањето на власта го имаат неприкосновено право да го користат буџетот на Република Македонија , кој за македонската реалност е огромен. Истовремено ги контролираат сите институции на системот кои по дефиниција треба да го бранат интересот на граѓаните и поединецот. За жал кај нас овие институции , заробени од политичките партии на власт, работат исклучиво во свој интерес, интерес на своите сопартијци и евентуални поддржувачи. Со еден збор, овие институции контролирани од централната власт се дувлото за постоење на организиран криминал и корупција.
Јас како акционер на Еуростандард банка отпочнав со внатрешна борба во самата банка за ликвидирање на овој криминал со кој веќе беше зафатена банката. Незаконското користење на така-наречени позајмици од правни и физички лица беше сигнал дека криминалот е влезен и во мојата банка.
Реагиравме на начин кој секаде во светот се практикува, а тоа е промена на Управниот одбор. Со промена на стариот Управен одбор, предводен од господинот Петкоски, ставивме крај на учеството на Еуростандард банка во меѓу банкарските трансакции за така-наречените позајмици. Со новиот Управен одбор, предводен од господинот Трајковски пративме јасна порака, посебно до нашиот најголем банкарски партнер Комерцијална банка, дека отпочнуваме со процесот за враќање на одлеаните средства во банката.
Новиот Управен одбор, предводен од господинот Трајковски, своите обврски темелно ги извршуваше и отпочна со прибирање на одлеаните средства. Сумите кои ги собравме во периодот до отпочнувањето на вонредната состојба во 2020 година од пандемијата Ковид-19 беа фасцинантни и за самите институции како Народна банка.
Пофални зборови за направениот напредок стигаа од сите страни.
Очигледно дека креаторите на банкарскиот криминал во Република Македонија не можеа да прифатат дека со губењето на една алка во нивниот синџир нема да се обелодени и нивниот криминал во јавноста.
Пораката од моја страна беше јасно пратена со поставувањето на новиот Управен одбор и со утврдувањето на нивните задачи.
Донесена е одлука за финансиско уништување на семејството Костовски и ликвидирање на банката.
Убеден сум дека јас и моето семејство бевме опасност за откривање на банкарскиот криминал во Република Македонија.
Народна банка беше користена како инструмент да бара начин како да ја носи Еуростандард банка во стечај.
Докапитализацијата на цели 13 милиони евра направена во месец февруари 2020 година за Народна банка и нејзините патрони значеше само едно, а тоа е одземање на финансиската моќ на семејството Костовски.
Порачувам: нема да отстапам од вистината за Еуростандард банка, нема да отстапам во борбата против организираниот криминал и корупција, нема да отстапам од мојата посветеност за моите идни поколенија да им оставам пример како треба да се бориме со општествените зла кои систематски го уништуваат правото за достоинствен живот.
Трифун Костовски






