Стечајот на Еуростандард банка, пример од кој секој стран инвеститор треба да се заплаши

Почитувани читатели, денешнава колумна посветена на Еуростандард банка и нејзиниот стечај има за цел да обзнани и расветли некои нешта, кои ја допираат реалната состојба во Република Македонија од сите аспекти во нејзиното функционирање.

Денес Македонија важи како една од последните дестинации за странски капитални инвестиции на Балканот. Причините за ваквата перцепција се јасни кога е во прашање стечајот на Еуростандард банка.

Македонската јавност мора да знае дека единствена грин-филд инвестиција во банкарскиот сектор, од осамостојувањето на Македонија па до денес, е Еуростандард банка. Таа е единствената банка од темел подигната и вклопена во банкарскиот сектор на Република Македонија. Таа е единствената банка каде е депониран, свеж, паричен и финансиски капитал, согласно позитивните прописи во банкарскиот сектор кои владеат во Република Македонија.

 

 

Местото и улогата на Еуростандард банка се зајакна кога истата беше докапитализирана од наша страна како акционери и истата прерасна во средни банки. Влијанието на Еуростандард банка беше уште посилно кога со Македонски пошти се потпиша договор за заедничка соработка на 20 години, за користење на сите филијали на Македонски пошти низ Македонија, како филијали на Еуростандард банка. Овие филијали на Македонски пошти беа вкупно 330. Учеството на Еуростандард банка пред самиот стечај, обзнаен на 12 август 2020 година, во вкупниот промет на реализирани финансиски трансакции на месечно и годишно ниво беше учество со 25%. За луѓе кои го познаваат банкарскиот сектор јасно е дека оваа банка имаше силна перспектива.

Очигледно на одредени структури во банкарскиот сектор и актуелната власт ваквата перспектива им пречеше и полека успеаја да ја вовлечат банката во така-наречените позајмици. Да појаснам, незаконски позајмици се даваат на фирми и лица кои не ги исполнуваат основните критериуми за добивање на кредит и се прават финансиски комбинации како да се помогне на овие неликвидни фирми и лица, ама само со една цел. Целта не е да се зголеми профитот на банката, туку да се зголеми каматната стапка кон крајниот корисник, при што, сѐ што е над утврдената каматна стапка во банката оди во приватни џепови.

Почитувани читатели, ова е чист банкарски криминал.

Јас како акционер, кога се запознав со овие незаконски кредитирања го разрешив стариот Управен одбор на чело со господинот Николче Петкоски и именував нов Управен одбор на чело со директорот Горан Трајковски. При тоа дадовме јасни инструкции за излегување на банката од овие финансиски шеми и брзо прибирање на одлеаните финансиски средства.

Ваквиот потег, нас акционерите со новиот Управен одбор нѐ чинеше скапо. Бевме осудени да одиме во ликвидација.

Јавноста мора да знае дека работењето со така-наречените незаконски позајмици е пракса во сите банки во Република Македонија.

Нашето излегување ќе значеше прекин на еден синџир кој што веќе засилено функционираше. Токму тука го гледам организираниот криминал во банкарството.

Голем број на правни и физички лица во банкарскиот сектор не се ни свесни дека со вакви трансакциски сметки, далеку од нивните очи се извршуваат така-наречените незаконски позајмици. На индиректен начан и сопствениците на овие трансакциски сметки се ставени како соучесници во овој криминал. Бројот на оштетените, правни и физички лица, од ваквите незаконски трансакции е голем, меѓутоа во јавноста и натаму владее молкот, бидејќи финансиските олигарси умеат многу вешто да го контролираат севкупниот систем во земјава, од контрола на партиите, до контрола на актуеланата власт и сите институции кои со закон се повикани да го гонат криминалот.

Заклучувам дека политичко-банкарскиот криминал има сосптвена држава во Република Македонија. Која е пораката што стечајот на Еуростандард банка ја праќа до странските инвеститори? Лоша, многу лоша. Впрочем случајот со Еуростандард банка ја отсликува вистинската состојба во Република Македонија.

Ако пред само 6-7 години важевме како најдобра дестинација за инвестирање на Балканот, денес тоа веќе не важи.

Македонија претставува црна дупка за инвестиции на Балканот. Царува криминалот и корупцијата. Овој факт го потврдуваат и годишните извештаи кои се добиваат од ЕУ и САД.

Трифун Костовски

 

Back to top button
Close