ВИДЕО: Новинар и снимател од Алсат спречени да влезат во Општина Чашка, ЗНМ и ССНМ го осудија инцидентот
Новинарот Авни Тахири и снимателот Новица Апостоловски од Алсат телевизија, утринава испратиле пријава до Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) бидејќи биле спречени професионално да ја вршат својата работа за време на протестот во општина Чашка пред ОУ „Тодор Јанев“ против воведување паралелка на албански јазик во училиштето, информираат од ЗНМ.
Имено, дел од луѓето што протестирале им забраниле пристап и влез во општината на Тахири и Апостоловски, почнале вербално да ги напаѓаат, а пробале и физички да ја тргнат камерата. Видео од инцидентот е објавено на официјалната фејсбук-страница на ТВ Алсат.
„Шо снимаш бе… Симни ја камерата, 100 пати ти рекоа симни ја камерата, прекини!“,
се слуша како луѓето кои протестираат им викаат на новинарот и снимателот.
На реакција на снимателот Апостоловски кој вели – „не сум дома дојден да снимам“, еден од протестантите вели:
„Па дома ми дојде, мое е ова бе, шо државно бе, само тоа сте научиле, тргни се оттаму ајде“.
Потоа, по кратка недолична конверзација, лицето кое се обидува да го избрка снимателот, влегува во општината и не дозволува да влезе во општината.
Според кажувањето на колегата Тахири, по завршување на инцидентот, тие повторно се обиделе да влезат во општината со цел да земат изјава од градоначалникот, но уште еднаш биле спречени да влезат, овој пат од чуварот во општината, додаваат од ЗНМ.
Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) бара објаснување од страна на општината во врска со спречувањето на новинарската екипа да влезе во јавна установа.
„Сакаме јасно да истакнеме дека односот кон новинарите и медиумите кои работат на терен е од критична важност за слободата на информирање и изразување во демократското општество. Насилството и спречувањето на новинарите да ја извршуваат својата професионална задача е неприфатливо, не е во сообразност со демократските вредности и придонесува кон цензура“,се наведува во заедничкото соопштение на ЗНМ и ССНМ.