Иран прифати зголемен мониторинг од МААЕ

Според доверлив документ на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Иран се согласил на зголемен мониторинг од страна на МААЕ во замена за зголемување на нивото на производство на високо збогатен ураниум.

Иран на почетокот од месецот најави дека ќе почне со напојување на новите центрифуги на локацијата Фордо, централен Иран, „со долгорочен ефект на значително зголемување на стапката на производство на збогатен ураниум до 60 проценти“. Се очекува производството да се зголеми на повеќе од 34 килограми месечно, во споредба со 4,7 килограми регистрирани во изминатиот период.

Затоа МААЕ побара повторно процена и инспекции за да се осигури дека локацијата во Иран „не се користи за производство на ураниум на повисоко ниво од пријавеното збогатување“ и дека нема „проневера на пријавениот нуклеарен материјал“.

Иран го прифати барањето на Агенцијата за зголемување на зачестеноста и интензитетот на мерките за надзор, се истакнува во документот на МААЕ.

За производство на атомска бомба, потребен е збогатен ураниум до 90 проценти.

Иран во 2015 година склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за регулирање на нуклеарната програма, а за возврат да се намалат меѓународните санкции против Техеран. Но, во 2018 година, тогашниот американски претседател Доналд Трамп еднострано ги повлече САД од Договорот и повторно воведе санкции кон Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто.

Иран тврди дека нуклеарна енергија е за цивилни цели и негира дека сака да се стекне со атомска бомба, во што се сомневаат западните земји.

Back to top button
Close