Судијката која му изрекла воспитна мерка на возачот Васил Јованов не го прекршила законот, ниту била пристрасна, заклучиле членови на Судскиот совет
Судскиот совет не најде прекршување на законот од страна на судијката Даниела Алексовска Стојановска од Кривичен суд која му одредила заводска мерка на возачот Васил Јованов кој ја прегази Фросина Кулакова, во судскиот процес каде му се судело за дрога. Предложено е само извештајот да се донесе до Обвинителството и Советот на обвинители, поради тоа што Судскиот совет има замерки на завршиот збор на обвинителот кој го гонел Јованов во тој случај. Според Судскиот совет, заводската мерка е согласно одредбите на Кривичниот законик, а судијката не постапила спротивно на истиот.
„Извештајот од посетата да се достави до Обвинителството во Скопје, бидејќи има определени согледувања за нивното постапувања, за да истите бидат запознаени. Дополнувам и да се испрати до Советот на јавни обвинители. Втор заклучок: наводите за пристрасност при одлучувањето на судијата во однос на постоење на причини за изземање, оваа работна група смета дека испинатите околности не се од такво карактер за да предизвикаат сомневања за нејзината пристрасност и не се во рамки на предвидените причини за изземање“, рече Данка Ристова, член на Судски совет.
Ристова посочи дека прашале и зошто на Јованов му бил укинат притворот кога му била изречена воспитна мерка наместо затворска казна. Судијката посочи дека тоа го правеле по службена должност и дека тоа било воспоставена пракса. Но ова тврдење не можеле да го потврдат.
„Вакви предмети за изречена заводска мерка на помлад малолетник се многу ретки, и во Скопје и во другите судови. Решението со кое на обвинетиот му е укинат притворот не е обжалено“, додаде Ристова.
Ивица Николовски, член на Судскиот совет кажа дека потфрлиле во заштита на интегритетот на судијата. Смета дека человкупната вина не може да биде префрлена на судовите.
…