ЕУ е создадена да ги за.бе Америка и Македонија

Десетчлена делегација на асоцијацијата на новинари на Швајцарија во посета на Македонија ме прашува вчера за мојата најголема грижа за Балканот. Грижата е иста како и онаа на цела Европа: кои ќе бидат последиците од повлекувањето на американската моќ од нашиот континент. Отсуството на американскиот елемент во европската политика, кој знаеше да ги обедини поделените европски држави и да поведе во саканата насока, е извор на многу опасности.

Ние, некогашните граѓани на Југославија, добро ги знаеме. Тоа се покажа при распаѓањето на федерацијата кога ЕЗ го прогласи „моментот на Европа“ и спремноста да најде решение за кризата. Приказната ја знаете: Европа не успеа и беше потребно американското водство и моќ за да се наложи мир врз скараните балкански народи. Потоа, во соработка со ЕУ, го отпочна скапиот проект за зачувување на природната вековна мултиетничност на Балканот наспрото националистичките аспирации за „етнички чисти“ национални држави. Слоганот беше: Европеизација на Балканот.

Повеќе од три децении подоцна не е постигната целта. Старите омрази се сеуште живи а во оптек се и алтернативи на европските решенија за балканските проблеми: создавање на три големи држави, Голема Србија, Голема Хратска и Голема Албанија, како услов за помирување на Западниот Балкан и негово зачленување во ЕУ. Тоа дека само на хартија е лесно да се цртаат нови граници и дека санитетскиот израз „етничи чисти“во теоријата, значи војна и крвав пир во реалноста, многу не ги загрижува националистите од разни бои.

Новата власт вели дека се „реалисти“ кога и дава предност на Америка во однос на Европа. Ставот го потврди и во пракса, застанувајќи зад американската резолуција во ОН, а не европската. Греши повторно. Да си реалист денес значи да и даваш предност на ЕУ во однос на САД. Зошто? Затоа што Америка се збогува со Европа. Доколку,после завршувањето на војната, британски мировници бидат нападнати од Русите, дали Америка ќе им притекне на помош, го прашуваат вчера Трамп. Можат тие и сами, одлични војници се, одговара американскиот претседател. Зборот ми е, стравот кај некои а желбата кај други, дека Америка енергично ќе ги „реши“ балканските спорови, е се чин, неоснован. Во тој контекст се спомнуваше и фамозниот Гренел, од првиот мандат на Трамп и неговата улога во косовско-српскиот спор. Поверојатно е сценариото дека Америка едноставно ќе се повлече од Европа и од Балканот и ќе и ги препушти работите на ЕУ.  Нашата власт уште гаи илузии дека независно од ова геополитичо поместување на Америка кон Азија, големата сила,сепак, ќе остне тука додека не се реши темата со „Гоце Делчев“ меѓу Македонија и Бугарија и така ќе ни го отворат патот кон преговори со ЕУ. Колку наивно, да не употребам потежок збор.

Ама владата има силни контакти со луѓе од најтесниот круг соработници на претседателот Трамп, ќе ви каже обичниот човек изложен на секојдневна пропаганда за некакви диломатски офанзиви, продори и окупации. Ова се, да се разбереме, чисти глупости. Па кој е тогаш заедничкиот именител меѓу актуелната македонска и американска политика? Заедничкиот именител е: ЕУ се создадени да ги заебат Америка и Македонија. Да, тоа е вистинскиот превод на англискиот зборот screw. За „зафркнат“, како што е пренесено во нашите медиуми, има други изрази во англискиот јазик. Зарем јас го употребив тој збор, вели американскиот претседател во одговор на новинарско прашање на конференцијата за печат со британскиот премиер Стармер вчера. Да, господине претседателе, и нашата политика во Македонија се согласува со вас.

Што е најдобро за безбедноста и благосостојбата на Македонија во случај, после повлекувањето на Америка, да се распадне ЕУ, прашуваат на крајот швајцарските новинари. Одговарам: најдобро е да има одлични односи со сите свои соседи.

Денко Малески

Back to top button
Close