ОЈО Штип објави потврда од неуспешната достава на поканата за распит на Хајрулахи
Откако Основното јавно обвинителство Штип (ОЈО Штип) денеска објави дека истрагата против суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи е во финална фаза и дека му е испратена покана да даде исказ во своја одбрана, но оти истата е вратена со забелешка дека тој се иселил од адресата наведена во полномоштвото и во системот на Министерството за внатрешни работи (МВР), попладнево оттаму истратија фотографија од поканата како потврда на неуспешната достава.
„Поради интересот на јавноста, ОЈО Штип ја објавува потврдата од неуспешната достава за распит на г-динот Хајрулахи“,велат од ОЈО Штип.
Оттаму велат дека поради заштита на личните податоци, адресата е покриена, но дека истата е официјална адреса на конкретното лице.
На фотографијата од поканата се гледа дека истата е испратена на 24 февруари годинава со архивски број од ОЈО Штип, а датумот на нејзиното (не)доставување е на 26 февруари годинава.

Хајрулахи е суспендиран од раководната позиција во скопското Вишо јавно обвинителство, откако против него беше отворена истрага за сторено продолжено кривично дело малтретирање во вршење на службата од член 143, како и за продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик.
Инаку, Хајрулахи поднел кривична пријава против државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Тој ова го потврдил за државната новинска агенција МИА, а освен против Коцевски со пријавата се опфатени и јавната обвинителка во Основното јавно обвинителство Штип, Татјана Кацарова, вишиот јавен обвинител во ВЈО Штип, Ристо Бојаџиски, како и членот на Советот на јавни обвинители Ермон Незири.
Пријавата, како што се наведува, се однесува на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, според членот 353 од Кривичниот законик.
На прашање од медиумите, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија попладнево одговорија дека тој овој момент таква пријава не е примена, а доколку во меѓувреме стигне, ќе биде распределена кај надлежен јавен обвинител.
„Основното јавно обвинителство Штип ја известува јавноста дека во постапката против осомничениот се постапува целосно согласно закон, а истрагата е во финална фаза. Надлежниот јавен обвинител не подлегнува на притисоци и испрати покана до осомничениот тој да даде исказ во своја одбрана, меѓутоа поканата е вратена со забелешка дека тој се иселил од адресата наведена за лицето во полномошното и во системот на МВР“,велат од Јавното обвинитеелство.