Што се крие зад референдумското прашање од 8 септември?
Денко Малески
Во интервју за „Рацин“, Зоран Бојаровски ме замолува да го објаснам референдумското прашање: „Дали сте за независна суверена држава Македонија со право да влезе во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. Не се сеќавам некој да ме прашал за тоа сиве овие години.
Затоа пак, низ повеќе од три децении се изнаслушав разни толкувања. Всушност, тоа повеќе ми личеа на некакви правдања пред македонските националисти за вториот дела од прашањето. Правдања како она, да го надитриме Милошевиќ и ЈНА до она да ги излажеме гласачите „југоносталгичари“во Македонија. Зашто, „вистинските“ патриоти би ставеле точка после првите седум збора: „Дали сте за независна суверена држава Македонија“. Нели?
Значи, што се „крие“ зад сложеното референдумско прашање?
Одговорот е: ништо не се крие, се е јасно како бел ден. Во тоа е и проблемот.
Најтешко прифаќаме кога е се јасно. Џабе се сите теории на заговор, оти заговор немаше. Всушност, во таа една реченица е дефинирана политиката на тогашното раководство чиј дел бев и јас, но и волјата на огромното мнозинство Македонци. Имено, Македонија сакаше независност но, мислејќи на сопствениот безбедносен и економски интерес, сакаше и некоја форма на сојуз со идните независни држави. На почетокот од Конференцијата за Југославија, организирана од ЕЗ и поддржана од Америка, претседавачот Лорд Карингтон, побара од министрите за надворешни работи на шестте републики, на само еден лист хартија да образложат како гледаат на исходот на Конференцијата. Нашата позиција беше суверена и независна Македонија како дел од една асоцијација на суверени држави. Нешто како мала Европска заедница во која ќе се сочуваше економската целина на географскиот простор на Југославија и пазарот од над 20 милиони потрошувачи, ќе се сочуваа културните врски меѓу новите држави, ќе се промовираше безбедносната соработка меѓу идните суверени држави и најважното, ќе се спасеа сто илјади загубени животи.
Во сите републики имаше политичари кои го сакаа истото што го посакуваше претседателот и министерот за надворешни работи на Македонија: нов договор помеѓу народите на Југославија. На почетокот од кризата, Словенците и Хрватите го бара токму тоа. Уште тогаш беше јасно дека по смртта на Тито и заминувањето на партизанската генерација од политичките сцени на републиките, основниот фактор на кохезија на федерацијата, ова беше правиот пат. За наша заедничка несреќа Србите имаа поинакви идеи, па со идеолошка поткрепа на САНУ, Милошевиќ почна да црта нови граници во кои би живееле сите Срби од сите републики. Тоа ги запали огновите на војните.
Настаните во политиката имаат свои временски секвенци. Ако го пропуштите моментот, она што било возможно вчера не е веќе возможно денес. Така, кога се појави планот „Глигоров-Изетбеговиќ“ за сојуз на суверени држави, таков договор со Словенија и Хрватска, каде што почнаа воени конфликти,беше невозможен без странска интервенција. Последниот обид да се врати мирот и разумот беше Конференцијата за Југославија. Кога, после половина година преговори, дојде на масата предлогот на Карингтон и ЕЗ за создавање асоцијација на суверени држави. Кучан и Туџман, под притио на големите сили, мораа да направат чекор назад и да го потпишат документот. Потпишаа и останатите претседатели, Глигоров и Изетбеговиќ,па дури и претставникот на Црна Гора Булатовиќ. Но, Милошевиќ одби да потпише решение за редефинирање на односите помеѓу народите на Југославија во рамките на републичките граници. Или силна федерација под српска доминација или нови граници во кои ќе бидат опфатени сите Срби, беше ставот на Милошевиќ. Сепак, со „амин“ од големите сили почна меѓународното признавање на републиките, не како целосно решение на конференциска маса туку туку како панична трка „секој за себе“. Војните продолжија уште цели три години, а геноцидот во Сребреница се случи во 1995.
Следам ново интервју со Стипе Месиќ, некогашниот претседател на Хрватска. Го прашува српскиот новинар кој пат до независност би го избрал денес: оној со договор за редефинирање на односите помеѓу народите на Југославија или оној со војни низ која помина Хрватска. Првиот, се разбира, вели Месиќ . Македонија ја стекна својата независност на мирен начин па, за среќа, ја немаме таа дилема денес. Но, сепак да прашам: Која опција би ја избрале денес, независна Македонија во лабава асоцијација со други пет незвисни држави или осамениот пат кој го минавме овие триесет плус години во опасната сфера на меѓународната политика.
Ќе ти кажам една поговорка од Латвија, ми вели нивниот министер за надворешни работи во деведесеттите. Се однсеува на малите држави во светска аполитика. Кажи велам. Поговорката гласи:„Ако веќе мораш да клоцнеш куче, гледај да е малечко“.