Македонија во ЕУ: „Сега или никогаш“
Денко Малески
Времето работи за државите само кога партиите соработуваат во оставрување на заедничката цел. Нашата држава не е еден од таквите примери. Тоа дека било тешко за нас не е никаков изговор. Ако е тешко, удвои ги своите напори и не барај изговори. Башка што не е вистина дека нам ни било најтешко: погледнете малку повнимателно и ќе најдете многу трагични примери на народи кои ја немаат во свои раце основната aлатка за опстанок – сопствена држава. Што да речат Палестинците, на пример? И уште погенерално, никаде не е запишано дека животот на поединците и на државите мора да биде лесен. Таков може да биде само во правните документи во кои сите се еднакви. Белки сега разбираме дека 35 години е премногу загубено време за отпочнување преговори за членство во ЕУ и дека конечно мораме да тргнеме кон Брисел.
Замислете само, додека ние „се кандисаме“ да почнеме преговори со ЕУ, светот се смени два пати. Во 1989, се распадна биполарниот свет со кој доминираа САД и СССР, а некаде во 2014 почна да се распаѓа униполарниот, кога со светот доминираше само една голема сила – Америка. Сега, без Америка која, со својот нуклеарен чадор, ја гарантираше, безбедноста на нашиот континент и го обезбедуваше единството при одлучувањето на разнородните европски држави со разнородни интереси, влегуваме во период на голема неизвесност. Што ќе биде со ЕУ кога, без Америка, ќе треба да ги помири интересите на една Португалија или Грција, со интересите на Литванија или Полска?
Особено сега кога на чело на Америка се наоѓа претприемач со недвижности кој со таков ум гледа и на меѓународната политика и го менува мислењето за важни работи три пати на ден. И, згора на тоа, има негативно мислење за ЕУ и ги презира европските политичари. Некои велат дека Трамп е аномалија во американскиот политички систем и дека треба да исчекаме да заврши неговиот мандат. Промена на политиката на Америка не може да се исклучи после Трамп, но нема враќање на униполарниот момент: светот стана мултиполарен (во политичка, воена, економска и технолошка смисла) и во догледна иднина повеќе големи сили ќе одлучуваа каде ќе оди планетата Земја.
Битката против автократиите ќе мора да биде заменета со мотото: „Коегзистенција или неегзистенција“, зашто усогласување на интересите, а не нуклеарна војна е единствената опција. Мултиполарниот свет нема да се смени за три години од сега, кога ќе заврши мандатот на Доналд Трамп. И, без оглед кој ќе дојде на власт во Вашингтон, во таквиот свет, Европа нема, како во последните 80 години, да биде од примарен интерес за Америка која ја поместува својата моќ кон Азија за да ја балансира со моќта на својот нов ривал – Кина.
Сакам да кажам дека и кога ќе ги продолжиме преговорите со ЕУ, одиме кон сојуз чија иднина е неизвесна но чија геополитика, за среќа, сеуште покажува кон Западниот Балкан и кон Северна Македонија како дел од „нивната“ територија. Моментот треба да го искористиме оти не само што состојбите на Балканот се неизвесни туку неизвесни се и состојбите во она што беше стабилниот дел на континентот – Западна Европа. Кога се работи за нашата безбедност, само во сојуз со европските демократии можеме да го издржиме потресот што следува во блиска иднина: поделба на Украина, неизвесна судбина на НАТО, „замрзнат конфликт“ и затруени односи меѓу Русија и остатокот од Европа…