Битиќи: Извештајот на ЕУ е слика за Владата на Македонија – Ксенофобична со балканска матрица

Влада која што политичкиот капитал го гради со ксенофобични наративи и провинцијален балкански комодитет не може да испорача резултати што Европската Унија ги признава, оценува пратеникот Фатмир Битиќи.

„Кога политичките и економските ставови веќе 18 месеци се кројат на таква матрица, институциите стануваат имуни на реформи, а јавните пари се претвораат во алатка за создавање на краткорочна лојалност наместо за овозможување на долгорочна економска вредност која ќе биде ослободена во државата. Овој вредносен дефект е последица на систем кој го подрива владеењето на правото, ја еродира меритократијата и ја замаглува системската транспарентност, односно власта покажува промашување во сегментите во кои ЕУ ги мери најважните перформанси на државата“, предупредува Битиќи.

Во овој политички контекст, за Битиќи, извештајот на ЕУ за 2025 не е изненадување и тој го регистрира токму тоа и што се случува, што сите го знаеме и препознаваме, а тоа е дека нема напредок во судството и антикорупцијата, со нарушена независност на правосудниот систем, кадровски дефицит и системски слабости што бараат јасни потези, како што е нов Закон за парнична постапка, јакнење на Судскиот совет во согласност со препораките на Венецијанската комисија и целосна функционалност на АКМИС.

„Иако земјата одржува висока усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е стратешки плус, сепак домашната реформска стагнација и изолација го неутрализира позитивниот геополитички сигнал кон ЕУ“, заклучува вом овој дел Фатмир Битиќи.

Од друга страна, смета Битиќи, Европската комисија ѝ испраќа јасна порака на нашата економија дека и недостига кредибилен метод, кој подразбира правилата, постапките и мерките со кои се прават економските политики да се јасни, јавни и доследно применети, така што резултатите би биле предвидливи и проверливи, а не импровизирани.

Тој укажува дека од извештајот јаснон произлегува дека фискалната политика се темели на оптимистички претпоставки, препораките од европскиот економски дијалог се спроведуваат ограничено, а интервенциите во независноста на клучни институции создаваат несигурност.

„Во суштина економската слика може да се дефинира како ‘стабилност без длабочина’, односно банкарскиот сектор е стабилен, но пристапот до капитал останува тесен, државните претпријатија генерираат фискални ризици, даночната администрација бавно се дигитализира, пазарот на труд трпи од ниското учество (посебно кај жените), недостигот на вештини и високата младинска невработеност. Социјалниот дијалог е слаб, па трошоците за труд се непредвидливи, а продуктивноста не расте со темпото што ни е потребно“, истакнува пратеникот Фатмир Битиќи.

На прашањето што овие забелешки на ЕУ ќе значат за граѓаните, Битиќи во изјавата за Рацин.мк вели тоа носи помалку долгорочни инвестиции и поскапо финансирање за бизнисите, помалку квалитетни и добро платени работни места и побавен раст на платите, повеќе ризици од загуби во јавните компании што на крај ќе ги плаќаме сите.

„Преводот на европските забелешки е едноставен и практичен, односно тие бараат да се зајакне владеењето на правото во економијата, да се забрза дигитализацијата и професионализацијата на администрацијата, како и тоа секоја јавна реформа да се врзе за мерливи резултати, како што се повеќе инвестиции, повисока продуктивност и подобри работни места. Само на овој начин европските извештаи ќе станат признание за зрелост, а не листа на системски пропусти“, нагласува Фатмир Битиќи.

Тој укажува на фактот дека објавувањето на извештајот се случува во момент во кој започнува процесот на носење на Буџетот за 2026 година со што добива дополнителна тежина во дефинирањето на општата политичка и економска состојба во која се наоѓа Македонија.

„Начинот на кој буџетот се турка „на мала врата“, без кредибилни и инклузивни консултации со буџетските корисници и без јасно врзување за мерливи, среднорочни приоритети, практично е илустрација на забелешките на ЕУ. Наместо фискална рамка што сигнализира предвидливост и продуктивност, добиваме документ што изгледа политички кроен и процедурално затворен. Така буџетот за 2026 година од инструмент за развој станува огледало на институционалните слабости кои се нотираат во извештајот на ЕУ“, смета пратеникот Фатмир Битиќи.

Back to top button
Close