„Приказни од маргините“на Ѓорѓе Јовановиќ во Музеј на град Скопјe
Почитувани, на 20 ноември во 20:00 часот, Ве покануваме на отворањето на изложбата „Приказни од маргините”на Ѓорѓе Јовановиќ во Музеј на град Скопје.

„Приказни од маргините” е изложба што ги осветлува разновидните, занемарени простори на рабовите на општествената свест, преку интерактивни инсталации кои ја комбинираат визуелната и наративната форма.
Таа го користи краткиот расказ како преносител на гласови од и кон маргината, како инструмент кој испраќа сведоштва од оние од другата страна на границите на видливоста. Со посредство на литературата која станува медиум за комуникација меѓу центарот и маргината, создава мрежа на присуства меѓу оној што може да зборува и оној што (најчесто) не се слуша.
Изложбата претставува евокативни анимации кои ја доловуваат специфичноста на одредена локација и неговите жители. Секое дело функционира како подвижна слика, овозможувајќи поглед кон одредена маргина, без разлика дали е географска, културна, политичка или економска. Делата се претставени во форма на интерактивни инсталации, цртежи во продолжение, илустрирани свитоци што посетителите ги одмотуваат активирајќи ги различните приказни и судбини на маргиналците од различни општествено сегменти. Истите стриповски се развиваат базирани на приказните од седум кратки раскази од неколкумина писатели од земјата и регионот. Расказите „Oдбивање” и „Одрон” од Стефан Алијевиќ, „9:15″ од Николина Андонова Шопова, „Покана за дејт” од Петар Андоновски, „Пловење по Дунав” од Румена Бужаровска, „Задоцнетиот подарок” од Георги Господинов; и „Вила Тибериа” од Теа Тулиќ пренесуваат дел од секојдневието на оние кои се невидливи, на оние што живеат во меѓупросторите на општеството, политиката и економијата.
Уметничката практика на Ѓорѓе Јовановиќ (1980) се развива низ експериментални и интердисциплинарни пристапи кои го истражуваат односот меѓу поединецот и општествените процеси на интеграција и дезинтеграција. Неговото творештво, често втемелено во специфични социјални, политички и урбани контексти, ги адресира кревките структури на современото живеење, редефинирањето на универзалните вредности и трансформациите што ги обликуваат идентитетите и колективните наративи. Неговите самостојни изложби се презентирани во различни меѓународни и локални институции, меѓу кои: Mirror (MC Gallery, Њујорк, 2024), Горчлив шеќер (МСУ– Скопје, 2023), Chocolate Drops (Gallery Hoast, Виена, 2018), Радио Слободно Скопје (ЦАЦ, Скопје, 2015–16), Изуми за вас, прекрасни луѓе! (МСУ Скопје, 2014), Фрагментарниот архив на уметникот од земјата во транзиција (MC Gallery, Њујорк, 2010), It’s Complicated (Gallery Centrum, Грац, 2010), Прошетката на господинот Ченк низ раздвоениот континент (КЦ Точка и МКЦ, Скопје, 2005) и др. Учествувал на бројни меѓународни групни изложби и поголеми уметнички манифестации, меѓу кои: Rivers, Traces and Couplings (Археолошки музеј, Загреб, 2025), Precarity Has A Chance (Structura Gallery, Софија, 2023), Manifesta 14 (Приштина, 2023), Поголем од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија (MAXXI, Рим, 2021) , Сè што ни е заедничко (МСУ Скопје), Третиот простор (Галерија Жилберт Гајар (Клермон Феран, 2019), Guerilla of Enlightenment (Rotor, Грац, 2018), Past as Costume or Inspiration (Zachęta Project Room, Варшава, 2017), Balkon zum Balkan (Städtische Kunsthalle Baden-Baden), Balkan? (Oslo 10 / IAAB, Базел), Participation – Participatory Practices as Artistic Strategy (Tirana Express, 2013), Re-locate (Rumeli Han, Истанбул), Shelter (Shelter Island, Хемптонс, 2011), 255.804 km² (Hilger Brot Kunsthalle, Виена) 4th Performance Festival (Mahmud Moktar Cultural Center, Каиро, 2010) и др.
Својот уметнички развој го надградувал и преку престижни резиденцијални програми, меѓу кои: IAAB (Базел), TICA (Тирана), La Cité internationale des Arts (Париз), Watermill Center (Њујорк), Apartment Project (Истанбул), ISCP (Њујорк) и CCN (Грац).
Добитник е на повеќе награди и професионални признанија меѓу кои: наградата Денес за млад уметник (2009), награда за видео на меѓународниот фестивал „Алтернативен филм/Видео” (Белград, 2009) наградата за Најдобар млад уметник на 10. Биенале на млади уметници во МСУ Скопје (2013).







