Тулси Габард: Нема опасност од руска инвазија на Европа, потребна е дипломатија
Денко Малески
Ова не би смеело да помине незабележано во македонската јавност. Тулси Габард, директорката на американската национална известителна агенција (DNI ) се огласи вчера во јавноста за да го демантира доминантниот наратив на Западот, дека Русија има намера да ја окупира цела Украина и да продолжи кон Западна Европа.

Таа изјави дека, според анализите на националните известителни служби на Америка, Русија не планира, ниту има капацитети, да ја окупира цела Украина и да изврши инвазија на Европа. Додаде дека , да се зборува спротивното значи да се зголемат тензиите меѓу Западот и Русија. Имено, смета таа, доминантниот наратив дека постои непосредна опасност од руска инвазија на цела Украина и на Европа оди во прилог на растечките тензии па и ризик од конфликт на Русија со НАТО сојузниците, наместо да се поддржат дипломатските решенија за конфликтот.
Која е Тулси Габард? Родена во 1981 во Американска Самоа, активна во политиката на Хаваи, воен ветеран кој се кандидираше за претседател на САД, Габард е именувана од страна на претседателот Доналд Трамп на позицијата директор на националната известителна служба (DNI) во 2024 како прва жена воен ветеран именувана на таа позиција. Кои се нејзините политички погледи? Критичар е на политиките на Америка и на НАТО, тврдејќи дека тие ја провоцираа инвазијата на Украина. Нејзино мислење е дека одбивањето да се земат предвид руските безбедносни интереси , особено со инсистирањето на членство на Украина во НАТО, предизвика војна која можеше да биде избегната.Уште на времето има кажано дека членството на Украина во НАТО не е од национален интерес на Америка и дека гаранцијата дека државата нема да стане членка на Алијансата го отвора патот кон мир со Русија. Одамна инсистира на мирољубива политика, дипломатија пред воена интервенција, за што е потребна неутрална Украина. Критичар е на „воените хушкачи“ и на воено-индустрискиот комплекс во Америка чии ставови, вели, се мотивирани од профит.
Надворешната политика на Америка, според Тулси Габард, треба да избегнува воени интервенции и промена на режими во други земји, додека нејзините критичари сметаат дека таа ја потценува руската опасност а дека нејзините ставови се само ехо на руските.
Тулси Габард се огласи вчера. Веќе денес се огласи влијателниот сенаторот Линдзи Греам, „јастреб“ кој мнозина го сметаат за најлошиот сенатор во историјата на американскиот Конгрес, а некои и за чист идијот.
Бара од Америка да ја ескалира војната против Русија и да почне да испорачува на Украина ракети со долг дострел од типот „Томахавк“. Од тоа која линија ќе победи, онаа на политичари како Тулси Габард или на политичари како Линдзи Греам, зависи светскиот мир. Тешко на претседателот. Инстинктите за мир кај Доналд Трамп се исправни. Но дали ќе успее во тоа своите антивоени инстинкти да ги претвори во државна политика на Америка, е сосема друга тема.





