Одобрени се обвиненијата против Ристо Крмзов и други девет лица и 13 фирми за незаконски поврат на ДДВ од 22 милиони евра
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и коруција (ОЈО ГОКК) денеска соопшти дека обвинителниот акт и обвинителиот предлог до Основниот кривичен суд Скопје против сопственици и управители на фирми, како и сметководители за незаконски поврат на ДДВ во износ од 22 милиони евра е одобрен и стапен во сила.

Зградата во која се сместени просториите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) / Фото: Архива
Иако, во соопштението од Обвинителството не се наведени имиња, од описот на делата е извесно дека станува збор за случајот во кој првоосомничен, а сега и обвинет е струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов.
Како што информираат од ОЈО ГОКК, во обвинителниот акт се опфатени седум лица, меѓу кои и Крмзов, на кои на товар им се става дека ги сториле кривичните дела злосторничко здружување и перење пари и други приноси од казниво дело. Дополнително, тие се обвинети и како соизвршители во кривичното дело даночна измама, а двајца од обвинетите, покрај за наведените се товарат и за продолжено кривично дело даночно затајување.
Со обвинителниот предлог, пак, се опфатени три физички лица за продолжено кривично дело несовесно работење во службата, како и 13 фирми за продолжено кривично дело даночна измама.
„Според обвинението, истражната постапка утврди дека на почетокот на 2019 година, на територијата на Република Северна Македонија, првообвинетиот, заедно со уште двајца обвинети, како сопственици и управители на обвинети правни лица со намера да стекнат противправна имотна корист, создале група со цел вршење на кривичните дела даночно затајување, даночна измама и перење пари и други приноси од казниво дело. На групата, како припадници, се приклучиле уште четворица обвинети, исто така во својство на сопственици и управители на обвинети правни лица“,
се наведува во соопштението од ОЈО ГОКК.
Првичната цел на групата, односно злосторничкото здружение, била да формираат фирми со формално назначени сопственици и управители и да се стекнат со право на поврат на ДДВ, нешто штo не би било возможно доколку организаторите на групата би биле формални сопственици и управители на новоформираните правни лица.
На тој начин, обвинетите, во име и за сметка на фирмите што сега се опфатени со обвинителниот предлог, изготвувале и меѓусебно разменувале фактури со невистинита содржина, спротивно на одредбите од Законот за данок на додадена вредност, Законот за данок на личен доход, Законот за данок на добивка и Законот за даночна постапка, а сè со цел како поврзaни лица да остварат поврат на ДДВ.
Имено, според ОЈО ГОКК, за периодот од 2019 до 2024 година, во поднесуваните даночни пријави неосновано биле користено правото на влезен ДДВ, што било овозможено од обвинитените овластени сметководители кои како службени лица постапувале спротивно на законот и не вршеле надзор, а што биле должни да го прават.
„Постапувајќи по насоки на организаторите, тие ги евидентирале фиктивните фактури за наводни продажби на недвижности и истите ги прикажувале во даночните пријави за ДДВ поднесени до Управата за јавни приходи, со цел неосновано да се бара поврат на данок или да се намали даночната обврска на обвинетите правни лица“,
наведуваат од ОЈО ГОКК.
Во даночните пријави, според Обвинителството, бил прикажува повисок влезен ДДВ, во вкупен износ 4 123 102 931 денари (околу 67 милиони евра), а по основ на фиктивни договори за купопродажба на недвижен имот, при што била прибавена противправна имотна корист преку незаконски поврат на ДДВ и користење на институтот на даночни гаранти.
Со овие дејствија, обвинетите од Управата за јавни приходи успеале да добијат, односно да им биде исплатен незаконски поврат на ДДВ во износ од 1 348 996 831 денари или околу 22 милиони евра.
Средствата за кои обвинетите знаеле дека потекнуваат од кривично дело, биле внесувани во платниот промет и префрлани меѓу правните лица со цел да се прикрие нивното потекло.
Дополнително, дел од средствата биле употребени за купопродажба на имот, враќање кредити кон банки, подигање готовина, како и за плаќање добавувачи на градежни материјали за изградба на станбени коплекси.
„Со износ од 457 785 310 денари (околу 7,5 милиони евра н.з.) биле покривани даночни долгови на обвинетите и на други правни лица“велат од ОЈО ГОКК.
Како што информираат оттаму, заедно со обвинението, до Судот доставен е и предлог за одземање и конфискација на предмети, подвижен и недвижен имот што потекнува од кривично дело, а кој претходно со привремени мерки е замрзнат. Доставен е и предлог за продолжување на мерката притвор за првообвинетиот, додека за второобвинетиот се бара укинување на мерката куќен притвор и определување мерки за претпазливост.
Од Обвинителството додаваат дека кривичната пријава против три лица осомничени за кривични дела злосторничко здружување, даночна измама и перење пари, како и за двајца осомничени за несовесно работење во службата е отфрлена бидејќи, како што велат оттаму, не постои основано сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела.
Инаку, како што информираа од ОЈО ГОКК на брифинг со новинарите на 10 јуни годинава во истрагата беа опфатени и осум државни службеници, поточно инспектори во Управата за јавни приходи (УЈП) кои, како што рекоа тогаш од Обвинителството, им овозможиле на фирмите поврзани со Крмзов да добиваат пари од поврат ДДВ, иако документите што биле приложувани во струмичката подружница на УЈП биле лажни.
Крмзов и 15 фирми со купи-продај малверзации од државата извлекле 37 милиони евра, велат од ОЈО ГОКК
Во денешното соопштение, од ОЈО ГОКК се наведува дека списите што се однесуваат на постапувањето на даночните инспектори се доставени на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Струмица.
За потсетување, бизнисменот Ристо Крмзов беше уапсен на 9 јуни годинава.
Струмичкиот бизнисмен во своите јавни настапи и интервјуа додека траеше предистрагата тврдеше дека е цел на одредени локални моќници кои сакаат да му го преземат бизнисот.






