Анализа на „Блумберг“ – што се крие под дебелиот мраз на Гренланд

Со доаѓањето на Трамп 2.0 се урна и она малку што остана од повоениот поредок воспоставен во 1945 година. Промените што ги донесе новата администрација предизвикаа страв, а тој никаде не е подлабок отколку на најголемиот остров во светот – Гренланд, објавува Блумберг.

За Гренланд во последните денови многу се пишуваше. Ги разгледавме клучните причини поради кои американскиот претседател Доналд Трамп е опседнат со тој дански остров, како и малата гренландска берза, која годинава урива рекорди.

Како што заклучивме, една од главните причини поради кои Белата куќа покажува толкав интерес за Гренланд не е само неговата стратешка положба туку и она што се наоѓа под дебелата ледена покривка на островот. Критичните минерали и ретките метали денес се нафтата на 21 век, а индустријата што ги контролира, благодарение на промислените и долгорочни потези на политичкото раководство, ја држи главниот ривал на Вашингтон – Народна Република Кина.

Гренланд, најголемиот остров во светот, зафаќа околу 1,5 отсто од копнената површина на Земјата. Ледената плоча што покрива дури 80 отсто од неговата територија е втора по големина на планетата, а поголема постои само на Антарктикот.

Но, каква врска имаат плановите на Трамп за Гренланд со еколошките, општествените и управувачките теми на ЕСГ?

Островот е богат со нафта, природен гас, ураниум и други минерали кои, меѓу другото, се клучни за зелената транзиција, како и за одбранбената и автомобилската индустрија. Под дебелиот мраз на Гренланд се наоѓаат 25 од вкупно 34 критични суровини како што ги дефинира Европската Унија. Неодамнешна данска студија дури покажа дека на островот има 31 од тие минерали.

„Иако веќе се спроведени одредени истражувања, обемното рударство и понатаму е спорно поради еколошките прашања и можниот ефект врз автохтоните заедници. Гренландската влада е внимателна во однос на прекумерното потпирање на рударството и ја забрани експлоатацијата на ураниум за да ја избегне загриженоста поврзани со животната средина и правата на домородното население“, ја коментира состојбата во гренландската рударска индустрија Жанет Грета Пап

Пап додава дека, поради сè поголемата глобална побарувачка за ретки метали, особено за технологиите од обновливи извори на енергија и за одбранбената индустрија, постои силен меѓународен притисок за развој на тие ресурси. Тој притисок достигна врв во 2021 година, кога гренландската влада ги запре кинеските обиди за вклучување во рударскиот сектор на островот, со што директно беше блокирано учеството на Народна Република Кина.

Во последните неколку години значително се зголемени вложувањата во истражување на можните наоѓалишта на минерали и ретки метали на островот. Додека пред десетина години биле истражени само неколку десетици локации, денес нивниот број изнесува околу 170. И покрај тоа, според официјалните податоци од 2022 година, рударството вработува само 106 лица на островот со околу 56 илјади жители.

Топењето на мразот отвори нови можности и за истражување на јаглеводородот, иако експлоатацијата на нафта и гас на Гренланд е забранета од еколошки причини, а наедно го олесни и понатамошното истражување на рударскиот потенцијал.

Сепак, аналитичарката Пап предупредува дека е прашање дали пристапот до тие ресурси би го оправдал евентуалното нарушување на односите со европските сојузници и слабеењето на НАТО, бидејќи на Соединетите Американски Држави за пристап до суровините не им е потребна политичка или територијална контрола над Гренланд. Таа потсетува и дека Алјаска, како американска арктичка територија, располага со голем и сè уште недоволно искористен минерален потенцијал.

Во гренландското рудно богатство веќе влегоа и некои сојузници на Доналд Трамп. Американскиот министер за трговија Хауард Латник преку својата финансиска компанија има удел во рударска фирма што работи на Гренланд. Финансиски врски со претпријатието што ги истражувало рударските можности во арктичкиот регион имаат и технолошките претприемачи Сем Алтман, Џеф Безос и Марк Андресен, објави „Њујорк тајмс“.

Американските функционери во моментов, според напис на „Блумберг“ од пред една недела, се фокусираат на можни деловни аранжмани што би им обезбедиле на Соединетите Американски Држави поголемо влијание на островот. Меѓу нив се проекти за експлоатација на ретки земни метали, но и хидроцентрали и други инфраструктурни зафати.

На Гренланд не му се заканува само администрацијата на Доналд Трамп. Според научните истражувања, островот се затоплува побрзо од глобалниот просек, а во последните децении на подрачјето, кое 80 отсто е прекриено со мраз, е изгубена значително поголема ледена маса отколку што предвидуваа претходните процени – приближно за една петтина повеќе.

Во двете децении од 2000 година, повлекувањето на глечерите на северната хемисфера доведе до продолжување на арктичкото крајбрежје за околу 2.500 километри, при што најголемиот дел од новите копнени површини без мраз се појавија токму на Гренланд.

Покрај топењето на копнените глечери, врз крајбрежните подрачја сè повеќе влијае и исчезнувањето на морскиот мраз. Тоа ја забрзува крајбрежната ерозија, а на одделни локации брегот, според истражувањата, се повлекува и до 20 метри годишно.

Овие промени силно го погодуваат трајно замрзнатото тло (пермафростот), кое поради недостигот од мраз е поизложено на морски бури и, како последица, на забрзано распаѓање. Топењето на пермафростот не само што ослободува големи количества стакленички гасови туку и дополнително ги ослабува крајбрежните подрачја и ги прави поранливи на порастот на нивото на морето.

Дури осум од десет жители на Гренланд велат дека директно ги почувствувале последиците од климатските промени. Повеќе од 60 отсто сметаат дека борбата против климатските промени им е лично многу или исклучително важна, додека нешто помалку од половината очекуваат тие да им нанесат штета.

Климатските промени отворија простор и за нова индустрија на Арктикот – поморскиот сообраќај. Арктичките трговски рути нудат пократки патишта за контејнерските бродови што пловат меѓу Азија и Соединетите Американски Држави или Европа, но поради мразот и исклучително тешките услови досега не беа комерцијално одржливи. Топењето на мразот би можело да го промени тоа. Во октомври кинески контејнерски брод ја изненади јавноста кога пристигна од Кина во Обединетото Кралство за рекордни 20 дена, што е приближно двојно помалку време отколку што би било потребно по вообичаената рута преку Индиски Океан.

Арктичките трговски рути се привлечни не само поради пократкото време на пловидба туку и поради нестабилноста во Црвено Море. Поради нападите на јеменските Хути, бродскиот сообраќај во тој регион пред две години мораше да биде пренасочен околу јужноафриканскиот ’Рт Добра Надеж.

Во јануари минатата година пишувавме дека Кина развива планови за таканаречениот Поларен пат на свилата, поморска рута што би ги поврзувала кинеските пристаништа со Европа и со остатокот од светот преку северниот пловен правец. Рускиот претседател Владимир Путин во 2024 година ја посети Народна Република Кина и повика на вложувања во Северната морска рута. Кинеските енергетски компании одговорија со преземање големи удели во сибирските гасни проекти и со инвестиции во развојот на пристанишната инфраструктура.

Истовремено, соочени со заканите од Соединетите Американски Држави, Гренланѓаните стануваат сè посвесни за сопствената политичка сила.

„Движењето за независност е сè погласно. Има сè повеќе повици за активирање на членот 21 од Законот за самоуправа. Со тоа би му покажале на светот дека сакаме да бидеме независни, а наедно се отвора и прашањето за преговори за нов поредок. На крајот за тоа ќе се одлучува на референдум, но засега не се знае кога“, изјави минатата година за „Блумберг Адрија“ Свенд Харденберг. „Проблемите со кои се соочува Данска не се исти како оние со кои се соочува Гренланд.“

Истражувањата на јавното мислење од минатата година покажуваат дека големо мнозинство Гренланѓани се против американска контрола над островот, додека значителен дел од населението ја поддржува и независноста од Данска. Анкетата спроведена по првите закани на американскиот претседател во јануари минатата година покажа дека 56 отсто од Гренланѓаните на референдум би се изјасниле за независност.

„За време на престојот во Нук забележав различни мислења за политичката иднина на Гренланд“, вели аналитичарката за арктичка геополитика Жанет Грета Пап, која пред две години престојуваше на островот.

„Меѓу автохтоното население на Гренланд силно се присутни чувството за национален идентитет и гордоста на инуитското наследство, што ги поттикнува стремежите кон поголема автономија. Но економските предизвици на целосната независност, пред сè зависноста од данските субвенции, кои сочинуваат околу една третина од буџетот, ги ублажуваат непосредните амбиции за отцепување.“

Back to top button
Close