Кога криминалот добива функција, државата губи авторитет

Почитувани читатели, домашните миленичиња се омилените суштества со кои го разубавуваме нашиот дом, живот и секојдневие. Ги чуваме и сакаме заради нивната добра енергија, лојалност и љубов Посебено песовите и мачките се најчестите крзнени ангели во нашите опкружувања.

Песот е најблизок до човековиот род и негов најверен другар, не случајно се вели ,,верен како пес”. Си зедов слобода, новинарот Миленко Неделковски да го идентификувам како пес, ама пес -чувар на криминалот и корупција во нашата татковина. Во грчката митологија има еден таков пес Кербер чувар на Адот.

На ден, 27.01.2026 година, објавив колумна на порталот Либертас под наслов „ Еуростандард банка не пропадна, беше егзикутирана од државата”.

Јавноста која ме следи на социјалните мрежи добро знае дека полни 5,5 години пишувам еднаш неделно колумни поврзани со стечајот на Еуростандард банка. Тоа е мојот начин на водење војна со криминалците, на јавен и достоинствен начин.

На порталот на Миленко Неделковски веднаш се појави грд коментар со ниски навреди, како обид за свесно рушење на мојот статус, углед во општеството.

Таков лик како Миленко Неделковски никогаш не може да ме навреди, ниту пак можам сериозно да го сфатам, се уште помалку да возвратам на неговите коментари. Се работи за личност која е осудувана за криминални дејности во Македонија.

Во 2008 година осуден е заради измама на 22-ца наши сограѓани, на кои им земал 160 илјади евра, ветувајќи им работна виза во САД.

Овој лик е осуден на 2 години затворска казна.

Во јавноста важи за човек кој промовира говор на омраза во сите области на нашето живеење, на национална, верска и општествено-политичка основа.

Се работи за човек со животно искуство како ,, сејач на омраза и непријателство” . Многу негови колеги новинари го тужеле за вакви навреди, но очигледно дека неговата внатрешна психолошка состојба се должи на комплекси со кои се бори на недоличен начин.

Денес, овој човек го води најтрофејниот фудбалски клуб Вардар.

Преку ноќ, овој наш фудбалски клуб доби силни финансиски средства, претпоставувам со силна поддршка од владата на премиерот Мицковски. Тие финансиски средства се контролирани токму од човек со лепливи раце.

Колумнава ја пренасочувам кон премиерот Мицкоски.

Господине Премиер, овој подлизурко, кој ви се умилкува и на социјалните мрежи бидејќи сте му дале функции и доверба, е големо зло, штетно за нашите сограѓани и целата држава.

Бидете убедени дека довербата и пријателството кои ги имате со овој човек ќе ви се врати како бумеранг во вашиот политички и приватен живот

Во споменатата колумна пишував за криминалот и корупцијата коишто владеат во нашето секојдневие. Со доаѓањето на власт најавивте сериозна борба против криминалот и корупцијата. Ве поддржувам во вашата идеја и чесна намера.

Но не можам да го разберам начинот на кој што сакате да се справите со ова општествено зло, бидејќи околу себе имате човек осуден поради криминал! Со такви луѓе не се води вистинска борба против ова општествено зло, туку напротив дозволувате криминалот и корупцијата да бидат наше секојдневие.

Господине Мицковски, очекувам од вас вистински потези, за вистинската борба против организираниот криминал. Почетокот на оваа тешка борба треба да го направите со тргање на овој човек од задачите кои вие како власт и Влада му ги имате доверено.

Со вакви луѓе околу вас не може да гарантирате вистинска борба против организираниот криминал и корупција.

Мојата борба за вистината за стечајот на Еуростандард банка никогаш нема да престане.

Дали вие тоа ќе го разберете оставам на вас, тоа е ваш потег и проблем. Никого нема да молам во своја држава, ама правдата ќе ја донесам на виделина, макар и со мој политички ангажман.

Вистинската борба против организираниот криминал и корупција почнува од сопствениот двор.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close