Скандали ја тресат кампањата на Виктор Орбан

Скандали со злоупотреба на малолетници, опасна прашина во фабрика за батерии и наводна интимна снимка ја потресуваат Унгарија во пресрет на изборите, ставајќи го Орбан под силен притисок.
Унгарија повторно влегува во жесток изборен циклус, но овојпат политичката атмосфера е вжештена од серија тешки скандали. Земјата на 12 април треба да избере нов парламент, а кампањата – традиционално остра – годинава е погруба и понапната од кога било досега.
Виктор Орбан со децении ја гради својата политичка стратегија врз постојани предупредувања дека опстанокот на унгарската нација е загрозен. Во кампањите се претставува како единствениот заштитник на државата и народот од надворешни и внатрешни „непријатели“.
Овојпат, неговата влада и владејачката Фидес водат агресивна негативна кампања: земјата е преплавена со антиукраински плакати финансирани со државни пари, спроведуваат „национална петиција“ против ЕУ и Украина и шират видео-содржини генерирани со вештачка интелигенција, кои ја напаѓаат опозицијата.
Сите овие содржини имаат заедничка точка: дезинформации и манипулација. Премиерот тврди дека пораз на изборите би донел војна, мобилизација на унгарски граѓани на украинскиот фронт и економски колапс предизвикан од „побарувањата на Брисел“.
Аналитичари предупредуваат дека политичката култура во земјата доживува сериозен пад. Политичкиот коментатор Габор Тороќ зборува за „распаѓање и крах“ на јавниот дискурс.

Дали Орбан може да ги изгуби изборите?
Главната причина за невобичаено агресивната реторика е реалната можност Орбан да биде поразен за првпат од 2010 година. Граѓаните, според анкетите, се заморени од, како што го доживуваат, корумпираниот и автократски систем.
Опозициската партија Тиса, предводена од Петер Маѓар, со месеци убедливо води во испитувањата на јавното мислење. Во исто време, владата се соочува со сопствени јавни афери кои, според критичарите, откриваат „лаги и двојни стандарди“.
Скандал со злоупотреба на малолетници
Најтешкиот меѓу тие скандали е насилството и сексуалната злоупотреба на малолетници во установа за малолетни престапници во Будимпешта. Со месеци излегуваат нови детали, а објавени видео-снимки го прикажуваат бруталното малтретирање на штитениците од страна на персоналот.
Иако институцијата е затворена, јавноста реагира на фактот дека властите со години биле информирани за условите, но не презеле ништо. Особено проблематично, затоа што „заштитата на децата“ е постојана тема во реториката на Орбан, придружена со нагласена хомофобична кампања.
Неколку членови на владата дури сугерираа дека жртвите – затоа што се малолетни престапници – делумно се виновни, што беше протолкувано како став дека граѓанските и човековите права можат селективно да се одземаат.
Опасна прашина во фабрика за батерии
Унгарија ја потресе и аферата со еколошки и здравствени ризици во фабриката за батерии на Самсунг во местото Год, северно од Будимпешта. Според истражувањето на порталот Telex.hu, работниците со години биле изложени на токсични честички на тешки метали, кои навлегувале во воздухот, земјата и подземните води.
Во одредени моменти, концентрацијата на опасни материи била дури 500 пати над дозволеното. Наводно, со ситуацијата била запознаена и унгарската влада, а домашната разузнавачка служба предупредила на „катастрофални услови“. Сепак, според информации, министерот за надворешни работи Петер Сијарто го спречил затворањето на погонот.
Овој случај е чувствителен, бидејќи развојот на индустријата за батерии е клучен столб во економската стратегија на Орбан, која се потпира на кинески и јужнокорејски инвестиции – и покрај бројни локални протести и спротивставувања на експерти.
Скандал со наводна интимна видео-снимка
На политичката сцена дополнителен хаос внесе и приказната за наводна експлицитна видео-снимка на лидерот на Тиса, Петер Маѓар. На мистериозен веб-сајт пред неколку дена беше објавена црно-бела фотографија од неуреден кревет, снимана под агол што наликува на надзорна камера.
На 12 февруари Маѓар на Фејсбук потврди дека на 3 август 2024 година имал „сексуален однос со согласност“ со поранешна партнерка и дека на масата имало дрога, која, како што тврдеше, тој не ја консумирал.
Прво ја обвини поранешната партнерка дека дејствувала по налог на власта, нарекувајќи ја аферата „кампања во руски стил“. Таа пак, изјави дека не знае за што станува збор и предложи заедничка тужба ако снимката биде објавена.
Фидес веќе не доминира
Орбан и Фидес сè уште немаат дадено јасни изјави дали бил планиран обид за објавување на снимката. Но, со тоа што Маѓар јавно проговори, ја стави власта во дефанзива и индиректно порача дека режимот е подготвен да користи примитивни методи од страв од изборен пораз.
Политичкиот аналитичар Даниел Микец за ДВ изјави дека скандалите создаваат континуиран притисок врз владата:
„Пред да се смири еден скандал, веќе излегува нов“, вели тој.
„Фидес некогаш зборуваше дека мора секој ден да доминира и да победува. Сега секој ден мора да реагира. Од доминација повеќе нема ни трага“.






