Најголемиот мит за белиот христијански национализам

Една летна вечер, еден поранешен методистички свештеник погледнал низ прозорец и рекол дека видел „мистериозна појава на небото“ – група коњаници лебделе во воздухот и јуришале преку хоризонтот, а зад нив имало контура на Соединетите Американски Држави.

Members of the far-right militia group Patriot Front participate in the 2025 March for Life on January 24, 2025, in Washington. Dominic Gwinn/Middle East Images/AFP/Getty Images

Неговото име било Вилијам Џ. Симонс и таа визија го инспирирала да изгради религиозна организација што ќе ја трансформира Америка. Било 1915 година, а Симонс верувал дека САД е дистанцирале од своето христијанско наследство. Политичкото насилство било во подем, традиционалното христијанство изгледало како да е под напад, а бранови имигранти со светло кафена кожа — кои многу Американци не ги сметале за „доволно бели“ — пристигнувале во земјата од далечни краишта.

Групата на Симонс реагирала проповедајќи порака „Америка на прво место“. Нејзините членови се приклучувале кон цркви, избирале илјадници свои луѓе на државни и федерални функции и предводеле масовен марш во Вашингтон. До 1920 година, тие стигнале до повеќе од 5 милиони членови, меѓу кои и еден идeн судија на Врховниот суд. Играле значајна улога во донесувањето на еден од најексплицитно расистичките закони во американската историја, кој вовел расни имиграциски квоти со цел да се зачува доминацијата на белите англосаксонски Американци.

Со текот на времето групата ја изгубила својата моќ, но денес многу Американци ја препознаваат по нејзините препознатливи симболи: бела наметка со зашилена качулка и крст во пламен. Иако Кју Клукс Кланот повеќе не е политичка сила, неговите „идеолошки наследници“ и натаму ја обликуваат Америка. Тие, според историчарката Кели Џ. Бејкер и други научници, се нарекуваат бели христијански националисти,

„Кланот од 1920-тите проповедал рана верзија на она што денес го нарекуваме бел христијански национализам“, вели Бејкер, авторка на книгата „Евангелие според Кланот“. „Тоа било нивното разбирање на она што го нарекувале ‘100-процентен американизам’. Тие имале расна хиерархија во која белите протестантски христијани биле на врвот, а сите други под нив. Тие сакале држава само за бели христијани.“

Пред пет години многу Американци за првпат го слушнаа поимот „бел христијански национализам“. Коментаторите го користеа при опишувањето на нападот на 6 јануари 2021 година, кога поддржувачи на претседателот Доналд Трамп упаднаа во Капитолот на САД, носејќи крстови и портрети на Исус.

Оттогаш, белиот христијански национализам стана една од најжестоко дебатираните теми во Америка. Критичарите го опишуваат како „лажно христијанство“ што одржува лажен наратив за основањето на Америка. Други, пак, велат дека некои прогресивци го претвориле терминот во средство за оцрнување на „секаков вид христијанска политика што на либералите им е неприфатлива“ — начин да се „спакуваат“ злата како белиот спрематизам заедно со стандардни конзервативни ставови за семејството и американската историја.

Но најголемиот мит за белиот христијански национализам е нешто што, ненамерно, го одржуваат и некои негови критичари и негови бранители. Тоа е верувањето дека оваа идеологија е нешто ново — уште едно жестоко и спорно политичко прашање што се појавило со подемот на Трамп и било засилено од настаните на 6 јануари.

Христијанскиот национализам во Америка, сепак, е стар колку и приказните за Џорџ Вашингтон како го исекол црешовото дрво. Неговите мутации имаат тенденција да се појавуваат во периоди на криза во американската историја. А заканата што ја претставува навистина не може да се разбере без да се сфати зошто оваа идеологија е толку издржлива, отпорна и привлечна за многу луѓе.

Не сите христијански националисти се републиканци — ниту бели

Таа привлечност не е ограничена само на конзервативни бели луѓе. Некои не-бели луѓе прифаќаат христијанско-националистички учења, како на пример верувањето дека САД треба да бидат христијанска држава. И не секој христијански националист е конзервативец или републиканец. Некои се демократи или независни. Станува збор за идеологија што постои во спектар, кој опфаќа сè — од симпатизери до тврдокорни верници.

Повеќето Американци не го знаат тоа, и тешко е да им се замери ако се погледне начинот на кој белиот христијански национализам беше прикажуван во медиумите.

Во последниве години, многу коментатори се „закачија“ за терминот „бел христијански национализам“ за да ја опишат „препознатливата идеологија“ на белите христијански поддржувачи на Трамп. Ако го пребарате терминот на Гугл, ќе наидете на поплава од слики од 6 јануари, со Капитолот под опсада. Многу историчари и новинари кои пишуваат за движењето — меѓу кои и јас — често ги користат нападите врз Капитолот како своја главна историска референца.

Она што се губи во голем дел од оваа јавна дебата е начинот на кој белиот христијански национализам низ многу децении се приспособил за да опстане во согласност со времето. Иако, на пример, Кју Клукс Кланот некогаш ги презирал католиците, повеќето современи бели христијански националисти ја напуштиле таа форма на предрасуда бидејќи денес таа повеќе не е општествено прифатлива.

И, секако, не сите што денес прифаќаат христијанско-националистички убедувања го поддржуваат ККК. Многу современи бели христијански националисти не промовираат насилство против расните малцинства. Најмалку еден од нивните лидери јавно го осудува расизмот.

Сепак, многу бели христијански националисти денес ги делат истите цели за Америка со втората инкарнација на ККК во почетокот на 20 век: „хомогена, бела, протестантска нација, ослободена од корумпирачките влијанија на политичката, верската и расната разновидност“, вели Бејкер.

„Има нешто во ова движење што на одредени бели христијани во Америка им е длабоко привлечно. Тоа прикажува верзија на Америка во која тие сакаат да се вратат. И таа визија повторно и повторно се појавува.“

Еден лидер кој самиот се опишува како христијански националист тврди дека причината поради која таа визија опстојува е тоа што е вкоренета во историска вистина.

Од основањето на 13-те колонии па сè до Втората светска војна, населението било похомогено, а практично сите Американци претпоставувале дека живеат во христијанска држава, вели Даглас Вилсон — теолог и истакнат пастор кој има следбеници меѓу влијателни МАГА конзервативци.

„Немавме големи бранови имиграција какви што имавме во последните неколку децении од нехристијански делови на светот, па затоа бевме во огромно мнозинство христијани и се разбиравме себеси како такви“, вели Вилсон, главен пастор на Christ Church во Москва, Ајдахо.

Тој за CNN вели дека САД биле основани како христијанска нација — тврдење што историчарите го оспоруваат. Вилсон смета дека земјата треба повторно да стане таква, додавајќи: „Во последните 70 години постоеше координиран напор да се секуларизира нашата историја и нашето правно разбирање за тоа кои сме ние.“

Сега христијанските националисти сакаат да „преземат доминација“ во Америка.

И покрај целото медиумско покривање на белиот христијански национализам, тој за многу Американци и понатаму останува мистерија. Анкета на Pew Research Center од март 2024 година покажа дека 54% од возрасните во САД имаат слушнато или прочитано „ништо воопшто“ за него.

Сепак, белите христијански националисти не се срамежливи кога станува збор за споделување на своите убедувања. Тие велат дека САД треба да бидат водени според принципи „втемелени во Светото писмо“ и дека „Христос им заповедал на сите граѓански власти, и христијански и нехристијански, да ја спроведуваат Неговата волја на земјата“.

Тие замислуваат Америка во која „христијанската надмоќ“ владее низ целата земја, а законите се засноваат на Десетте заповеди. Истополовите бракови се забранети, а жените во голема мера се потчинети. Најмалку еден христијанско-националистички лидер поддржува укинување на 19-тиот амандман, кој им го гарантира правото на глас на жените.

Во голем дел од нивната литература, белите христијански мажи се прикажани како жртви. „Управувачките доблести на Америка“ се „женствени доблести, како емпатија, правичност и еднаквост“, пишува Стивен Вулф, автор на „Случајот за христијански национализам“.

„Новата Америка е немилосрдно непријателска кон TEБЕ“, пишува Вулф. „Секој чекор те надминува ТЕБЕ. Запрашај се: ‘Каков негативец е заеднички именител на секој настан на прогрес?’ Белиот стрејт маж. Тоа е отфрлената група на Новата Америка, олицетворение на регресијата и угнетувањето.“

Бранителите на белиот христијански национализам тврдат дека секој закон се темели на некаква форма на наметнат морал и дека законите на Америка треба да се засноваат на христијански морал. Она што критичарите погрешно го разбираат во врска со белите христијански националисти, велат тие, е тоа што имплицираат дека тие сакаат да создадат христијанско-фашистичка држава.

„Зборот ‘национализам’ ги активира“, вели за CNN Вилсон, пастор од Ајдахо. „подразбираат диктатура, паради со ракети или на тоа да ги натераат сите жени да носат црвени фустани. Но, христијанскиот национализам, ако се имплементира, всушност би претставувал масовно намалување на големината на државата.“

 

Крвавата историја на белиот христијански национализам

Она што христијанските националисти често го игнорираат во своите јавни изјави е крвавата историја поврзана со нивната идеологија.

Порана верзија на белиот христијански национализам доведе до освојување и практично геноцидирање на домородните Американци. Уште во 17 век, белите христијани што се населувале во Њујорк се повикувале на својата вера за да убиваат и да одземаат земја од домородните Американци. Подоцнежните верзии на белиот христијански национализам исто така биле користени за оправдување на ропството, империјализмот и расната сегрегација на Џим Кроу.

Абрахам Линколн морал да се соочи со белиот христијански национализам за време на Граѓанската војна, вели Рендал Балмер, историчар на религиите во Северна Америка кој предава на Дартмут колеџот.

За време на Граѓанската војна, свештеници предводеле движење за САД да бидат прогласени за христијанска нација, иако Уставот не содржи никаква референца на Бог, Библијата или Десетте заповеди. Тие побарале поддршка од Абрахам Линколн, но тој одбил, вели Балмер на CNN.

Но, Конфедеративните Држави на Америка, кои поробувале црни луѓе и го вградиле Бог во својот устав, се фалеле дека се христијанска нација.

„Една од критиките на Конфедерацијата за Унијата беше недостатокот на христијански јазик во Уставот“, вели Балмер, автор на „Најдобрата идеја на Америка: Одвојувањето на црквата и државата“. „Југот вложи напори да ги прогласи Конфедеративните Држави на Америка за христијанско претпријатие.“

Верувањето во раснa хиерархиja опстојува кај многу бели христијански националисти и денес. Според истражување од 2023 година на Public Religion Research Institute, најмалку 87% од христијанските националисти веруваат дека Бог сакал Америка да биде ветена земја за европските христијани, додека 81% сметаат дека „имигрантите ја напаѓаат нашата земја и ја менуваат нашата културна и етничка позадина“.

Историјата на која алудира Балмер е една од причините зошто многу научници инсистираат да го додадат атрибутот „бел“ кон ознаката христијански национализам. Тие го нарекуваат „религија на белината“, идеологија нераскинливо испреплетена со белечкиот идентитет. Научниците, исто така, претпочитаат да го користат терминот „бел“ затоа што постои и друга идеологија наречена „црн христијански национализам“.

Вилсон, пасторот од Ајдахо, не го демантира тој аспект на оваа историја. Тој признава дека Кју Клукс кланот практикувал порана форма на бел христијански национализам. Сепак, нивната верзија ја опишува како злоупотреба на христијанско-националистичките уверувања.

Вилсон ги осудува, како што ги нарекува, „етничката суета и етничкаото непријателство“. Тој вели дека Бог го мрази „етничкиот грев“ — односно кога некој го користи своето припадништво на одредена група за да оправда злоба кон друга група.

„Имало некои неприфатливи типови кои ја користеле фразата христијански национализам,“ изјавува тој за CNN. „Но имало и неприфатливи типови кои го користеле зборот Америка. Не ја оценувате нечија позиција според тоа како некој друг ја злоупотребил.“

Политиката, а не само расата, исто така го поттикна повторното појавување на христијанскиот национализам.

Тоа се случи во средината на 20-тиот век, кога некои политичари за време на Студената војна предупредуваа дека „безбожните комунисти“ ќе ја преземат Америка. Група бели евангелисти безуспешно се залагаа за уставен амандман со кој САД официјално би биле признаени како христијанска нација, преку внесување на Бог и Исус во Уставот на земјата.

Балмер изјави за CNN дека секоја варијација на христијанскиот национализам го има истиот апел.

„Аргументот беше дека нацијата паѓа во морален распад затоа што ја занемаривме нашата улога како христијанска нација и дека треба да ја вратиме нацијата кон нејзините христијански темели,“ вели тој.

Колонијална Америка била простор на многубројни и меѓусебно компетитивни верзии на христијанството. Имало пуританци во Нова Англија, Холандска реформаторска црква во Њујорк, католици во Мериленд — а некои од овие групи дури и се презирале меѓусебно.

Иако речиси секој устав во 13-те првични колонии содржел повикување на Бог или на божественото, Татковците-основачи намерно се дистанцирале од таков модел на владеење. Тие го воспоставиле Првиот амандман, кој ја одвојува црквата од државата, бидејќи знаеле како верските војни ја опустошиле Европа, вели Балмер.

„Татковците-основачи рекле дека навистина не можеме да назначиме една религија како државна црква, затоа што има премногу разновидност во колониите,“ изјавува Балмер.

 

Како белиот христијански национализам се судира со визијата на Татковците-основачи

Сите што тврдат дека Америка повторно треба да стане христијанска нација се соочуваат со предизвик: кон каков тип на христијанство би требало Американците да се вратат?

Како дополнителен доказ дека Соединетите Држави биле основани како секуларна држава, Балмер посочува друг документ — Договорот од Триполи од 1797 година.

Станува збор за договор меѓу САД и држава на територијата на денешна Либија, кој бил едногласно ратификуван од Сенатот сè уште половина составен од потписници на Уставот. Во него се наведува дека „Владата на Соединетите Американски Држави не е, во ниедна смисла, заснована врз христијанската религија.“

Повеќето од Татковците-основачи дури и не се вклопуваат во она што многу денешни бели христијански националисти би го нарекле христијанство. Тие биле разновидна група составена од атеисти, унитаријанци, деисти и либерални протестанти.

„Апсолутно е погрешно личности како Џеферсон и Франклин да се идентификуваат како евангелистички христијани,“ вели Балмер. „Еден од проектите на Џеферсон беше буквално да помине низ Новиот завет и да го отстрани секое спомнување на чудо или сугестија дека Исус е божествен.“

Зошто некои велат дека белиот христијански национализам е анти-Исус

Белиот христијански национализам не само што погрешно ја толкува историјата, велат некои верски научници и пастори, туку и самото христијанство.

Исус рекол: „Моето царство не е од овој свет,“ вели историчарот Џонатан П. Волтон, автор на Beauty and Resistance: Spiritual Rhythms for Formation and Repair.

„Ако некој ми каже дека е христијански националист, тој ми признава дека не е следбеник на Исус,“ вели Волтон.

„Секој автор на Светото писмо, и од Стариот и од Новиот завет, бил поробено лице или колонизиран човек под угнетување,“ изјавува Волтон за CNN. „Идејата дека Исус и национализмот се спротивставени е присутна уште од почетоците на црквата.“

Движењето на денешниот бел христијански национализам се соочува со уште еден предизвик: американската „граѓанска религија“. Најпочитуваните документи и говори во американската историја — воведот на Декларацијата за независност, Gettysburg Address на Линколн и говорот „I Have a Dream“ на Мартин Лутер Кинг Џуниор — не опишуваат христијанска нација.

Овие граѓански „свети текстови“ прикажуваат држава во која луѓе од сите раси и верувања — позајмувајќи ја формулацијата од класичниот говор на Кинг — можат да седнат „на масата на братството“ и да бидат третирани со еднакво достоинство. Оваа визија за Америка ужива мнозинска поддршка. Неодамнешно истражување меѓу возрасните во САД покажува дека две третини од нив посакуваат поголема етничка, верска и расна разновидност во земјата. Само мал процент идеализира држава што е етнички или верски хомогена.

Па како може Америка истовремено да биде и христијанска нација и демократија? Не може, велат критичарите на белот христијански национализам. Тие тврдат дека, во својата суштина, белиот христијански национализам е антидемократски.

Филип Горски, историчар, вели дека белиот христијански национализам претставува сериозна закана за демократијата затоа што го дефинира „ние, народот“ на начин што исклучува многу Американци.

Во својата книга Знамето и крстот (The Flag and the Cross) тој пишува:

„Соединетите Држави не можат истовремено да бидат вистинска повеќерасна демократија – народ од народи и нација од нации – и бела христијанска нација. Токму затоа белиот христијански национализам стана сериозна закана за американската демократија, можеби најсериозната закана со која таа денес се соочува.“

Ова е тврдењето со кое ККК никогаш не се занимавал — а на кое многу бели христијански националисти и денес тешко наоѓаат одговор.

 

Извор: CNN

Превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close