Почина Чак Норис

Чак Норис, легендарниот мајстор на боречки вештини и неуништлив херој на акционите филмови и култната серија „Вокер, Тексашкиот ренџер“, почина на 86-годишна возраст.

Тажната вест ја потврди неговото семејство во петокот, откако актерот беше хоспитализиран на Хаваи еден ден претходно.Холивудската икона, која беше синоним за боречка правда и непобедливост за генерации гледачи, почина во четвртокот на Хаваи на 86-годишна возраст. Чак Норис остави зад себе богато филмско и телевизиско наследство, а неговото семејство во емотивна изјава дека тој живеел со цел и непоколеблива посветеност на оние што ги сакал.

Во емотивно обраќање, семејството наведе дека Норис бил опкружен со најблиските во последните моменти и дека заминал во мир.

„За светот, тој беше боречки уметник, актер и симбол на сила. За нас, тој беше посветен сопруг, грижлив татко и дедо, неверојатен брат и срцето на нашето семејство“, се наведува во пораката.

Tие додаваат дека неговиот живот бил воден од вера, цел и непоколеблива посветеност кон луѓето што ги сакал, а преку својата работа, дисциплина и човечност инспирирал милиони ширум светот

Семејството истакнува дека, иако нивните срца се скршени, чувствуваат длабока благодарност за животот што го живеел и за спомените што ги споделиле со него. Особено ја нагласуваат поддршката од обожавателите, кои, како што велат, за Норис не биле само публика, туку пријатели.

Во пораката се споменува и неговата неодамнешна хоспитализација, за која јавноста веќе беше информирана, при што семејството се заблагодарува за молитвите и поддршката што пристигнувале од целиот свет.

На крајот, тие апелираат за приватност во овие тешки моменти.

Тој беше виден пред само неколку дена во објава на социјалните мрежи на 10 март – неговиот 86-ти роденден – како се бори со противник на Хаваи, со пораката: „Не стареам… Напредувам“.

Иако не беше активен во глумата, Чак остана популарен на социјалните мрежи, каде што обожавателите сè уште споделуваат бројни мемиња за неговата легендарна сила.

Роден во Оклахома во 1940 година, Норис служел во воздухопловните сили на САД од 1958 до 1962 година. Во текот на својот живот бил двапати женет и имал пет деца, меѓу кои актерот Мајк Норис и возачот на НАСКАР Ерик Норис

Back to top button
Close