Слабеењето на седмата сила

Пред некој ден, новинарството застана, наведна глава и се засрами пред еклатантна случка во Тетово на злоупотреба на професијата за партиски, етнички и други цели кои немаат врска со извршувањето на новинарскиот занает. Вчера, пак (вторник, 24.03.) беа доделени новинарските награди „Никола Младенов“. Честитки за колегите што ги освоија. Признанието во извршувањето на оваа тешка професија, е важна работа, и иако звучи како клише, е и силен поттик за натамошното работење. За жал речиси истовремено со овој настан, во Тетово се случи крајно непријатен и груб настап на новинар, кој со недостоен речник се обрати на министерката за образование, прозивајќи ја на етничка основа за (не) употреба на албанскиот јазик, односно дека штом е во Тетово треба со себе да носи преведувач.

Оваа случка, која е навистина срам за новинарството, ме потсети на еден одамнешен настан од пред отприлика 10 години кога лидерот на тогашната опозиција Зоран Заев беше поканет да гостува на една национална телевизија при што неговиот домаќин, виден новинар му се обрати пред целиот аудиториум со погрдни и навредливи зборови, кои беа далеку под нивото на пристојност во извршувањето на новинарската професија. Тоа беше исто така еден срамен новинарски настап воден со говор на омраза. Но помина без позначајни реакции, веројатно бидејќи се работеше за високо профилен новинар вгнезден во прегратките на тогашната власт.

 

Какви политичари такви новинари?

Оттука таквите испади во новинарството не се ни нешто ново ниту пак се од вчера или завчера кога тетовскиот новинар ѝ се обрати со „ти“ на министерката и демонстрираше очигледен обид за етничка провокација. Новинарството тоне од поодамна и го губи компасот. Некои преферираат да речат, какви политичари такви новинари. Но не е баш така. Новинарството, не попусто се нарекува седма сила и затоа треба секогаш да биде над ситуацијата и со своите настапи да биде претставник на јавноста наместо на политичките партии.

Случајот во Тетово не е осамен, има и други испади но кои се повешто маскирани и изведени на поцивилизиран начин.

Токму кога се случи настанот во Тетово, на една национална телевизија на пример беше масакриран политичар од редовите на власта затоа што не застанал цврсто на линијата за одбивање на уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот, што е услов Северна Македонија да го продолжи патот кон ЕУ. Обидувајќи се да го аргументира својот став дека државата ја чини скапо застојот во евроинтеграцијата, тој наиде на констатација дека презентира мислење слично како тоа на СДСМ проследена со прашање дали ќе прелета во СДСМ. Простете но тоа е само малку посуптилен начин од тој во Тетово, но целта е иста – дискредитација на личноста. Во основа, ставот да се направат уставни измени не може да се третира како партиско предавство затоа што членството во ЕУ е консензуален став на населението во оваа држава и императив за нејзиниот опстанок.

Ако се вратиме малку поназад, ќе се сетиме и на квази новинар кој трчаше по таргетирани личности, означени во партиски список, и јавно ги навредуваше. Неговите акции беа забава за општеството па дури и за целата новинарска заедница, без да се прашаме дали еднаш направениот преседан води кон натамошно руинирање на професијата. И еве сме денес тука, кога сите зборуваме дека новинарството полека го губи својот сјај. Со тоа не може да не се согласиме. Телевизиските вести се полни со бесмислени партиски соопштенија, но никој не се осмелува прв да го запре нивното објавување. Тие се поважни од вистинските вести. Јавноста во Македонија 24 часа дневно е изложена на токсична меѓупартиска јавна комуникација која влијае на населението и го намалува интересот за учество во политичките процеси, вклучително и во гласањето.

 

Јуриш на партиските послушници

Еден поранешен премиер се жали дека кога премиерите составуваат влада, немаат доволен број на компетентен кадар и затоа стават лоши кадровски решенија. Опаѓа, вели премиерот, интересот на стручни и способни кадри да влегуваат во политика. И тоа е вистина, може да се види од авион кој сѐ станува министер, вицепремиер, а богами и премиер. За пратениците кои треба да го држат камшикот над владата, и за директорите, подобро да не зборуваме. Наместо стручни и компетентни личности гледаме партиски послушници кои безочно лажат во своите јавни настапи, неконфронтирани од никого за нивните лаги.

 

Од избори на избори, сѐ е послаб квалитетот на луѓето што се нафаќаат да извршуваат политичка или друга јавна функција. Причина за тоа е што јавното ангажирање носи лоша репутација. Медиумите, ставајќи се во улога на записничари на партиските препукувања, имаат своја улога во тоа станувајќи дел од летаргијата наместо да брануваат.

 

Критичкото размислување и известување, секоја чест на исклучоците, полека исчезнува од јавниот простор. Деновиве шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, на пример, пласираше информација дека во Брисел разговарал за европските реформи во Македонија, нареди куп фрази за „важните“ разговори во Брисел за евроинтеграцијата иако е добро познато дека државата нема направено ниту милиметар напред во овој процес. И дека стои во место откако министерот е дојден на функцијата. Тонот на неговите соопштенија е како Македонија да се движи со брзина на светлината кон ЕУ, а не дека има комплетен застој. И тоа не предизвика никаква новинарска реакција.

Ова е само еден пример, најсвеж, за тоа дека новинарството се загуби низ политичките лавиринти. За оние што ќе речат дека во светот има секакви медиуми, поддржувачи на оваа или на онаа опција, одговорот е дека и во поддршката има медиумски стандарди кои треба да се запазат. Во спротивно отапува острицата на критиката дури и кога е оправдана. Добро е што новинарството наведна глава и се засрами од случката во Тетово. Но треба да навлеземе малку подлабоко во суштината на проблемот за да го вратиме сјајот на најважната професија.(dw)

Back to top button
Close