Светот е во хаос

Трифун Костовски

Почитувани читатели, верувам дека сите се прашуваме дали светот влегува во најопасната ера до сега? Хаос е!

Светскиот мир е приоритет за секој нормален човек, чесен граѓанин и етички исправен поединец. Во мирен свет, каде што владеат законите и мудроста, нормално е да се очекува огромен напредок на човечката цивилизација. За жал, цивилизацијата е во подем, но човештвото е во пад. Технологија оди напред, но моралот назад – парадокс на модерниот свет.

Изминативе, неполни 100 години, се со најдинамичен технолошки развој од кога е светот. Светот доживува ренесанса во поглед подигнување на животен стандард, а луѓето се подолговечни благодарение на прогресот на медицината и фармацијата.

Единственото нешто што не успеавме да го искорениме меѓу нас луѓето е потребата за воени конфликти како резултат на интересите на водечките светски земји и нескриената желба за неприкосновена власт. Жедта за власт се раѓа токму во моментот на дограбување најсилни позиции или функции во општеството. И не стивнува.

Со доаѓањето на господинот Трамп на позиција претседател на САД, како водечка велесила на светот во сите полиња, светот се соочува со хаос и непредвидливост на човековата иднина. Таква глобална сила без контрола води кон катастрофа.

Дипломатијата, како најсериозна алатка во решавањето на меѓусебните недоразбирања меѓу државите во светот, ставена е на отстрел токму од господинот Трамп. Начинот како ја доживува својата функција господинот Трамп, наликува на императорите и апсолутните кралеви од минатото, со императивот: ,,После мене потоп”. Како да е единствениот Бог на Земјата.

 

Негова желба е да биде запаметен во светската историја и историјата на САД како најсилна личност која ќе остави трајни белези по завршување на својот мандат. Од желба до реалност, многу невини жртви.

 

Неговото лично чувство дека е земјениот Бог се потврдува на сите полиња од неговата секојдневна комуникација.

 

За време на Израелско-Палестинската војна, која се заврши пред неколку месеци, кога Израел изврши невиден геноцид врз Палестинската популација, господинот Трамп застана зад господинот Нетанјаху, премиер на Израел. Целата светска заедница го осуди овој геноцид, освен умислениот Бог Трамп.

 

Омаловажувањата кои ги упати кон сите лидери на земјите членки на ЕУ е невиден чин на ароганција.

 

НАТО Алијансата се наоѓа во фаза на внатрешно превривање околу нејзиното натамошно опстојување.

 

Господинот Трамп најави излегување од НАТО Алијансата. Како господар на светот ја презеде улогата да врши контрола на сите меѓународни слободни зони, водени територии за размена на стоки и услуги кои светот ги користи секојдневно, од фундаментални економски потреби. Господинот Трамп е воден од фактот дека САД е најсилна воена сила во светот , вооружена со најмодерно нуклеарно оружје. Нуклеарната моќ, е неговиот аргумент за уцена.

 

Во неодамнешниот говор, лично го навреди и Папата Лав XIV кој на литургија во Ватикан најдобронамерно упати порака да се прекинат војните за да се сочуваат животите на невините жители во подрачјата на овие воени зони. Господинот Трамп не покажа ниту трошка почит кон ова свето, божјо лице.

 

Базичната причина за војната со Иран е фактот што Иран се обидува да создаде сопствено нуклеарно оружје. Рак рана на целиот тој блиско-источен свет е државата Израел која е формирана во 1948 година и од тогаш до денес преку воени дејствија ги проширува своите територии во своето опкружување. На овој начин државата Израел создаде непријателство со сиот арапски свет , вклучително и Иран.

Дополнително, кај муслиманите низ светот има невидена омраза меѓу шиити и сунити, две гранки на базичната муслиманска религија.

Последниве децении Иран поддржува милитантни групи надвор од Иран, верски поврзани со религијата практикувана во Иран. Токму ова е моментот кој, според мене, треба да се преземе во свои раце – дипломатијата меѓу сите светски водечки сили и Иран.

За надминување на оваа внатрешна религиска омраза и омразата која владее меѓу Израел и останатите арапски држави потребна е вистинска, сериозна дипломатија која треба да биде поттикната и силно поддржана токму од најсилните држави во светот, првенствено САД, КИНА, ЕУ и Руската федерација. Кога не постои дипломатија, заканите владеат.

Привилегијата на водечките држави во светот е тоа што поседуваат нуклеарно оружје кое претставува најсилен аргумент за нивната надмоќ.

Сериозноста на водечките личности во државите кои имаат нуклеарно оружје е првиот и најзначаен сегмент за одржување на светскиот мир.

Ако господинот Трамп изјавува дека за еден час може да ја уништи до пепел иранската држава, тогаш заклучуваме дека самиот Иран не е закана за светската безбедност, туку луѓето на високи позиции кои имаат на дофат нуклеарно оружје. Ова не е холивудски филм, заканите се реални .

Што ќе се случи ако високи функционери во земјите кои имаат нуклеарно оружје се однесуваат слично како и господинот Трамп? ХАОС!!! Тотален ХАОС за нас обичните граѓани на Земјината топка.Ако нуклеарното оружје е главниот адут во преговорите, тогаш се поставува прашањето зошто и останатите земји да не поседуваат такво оружје? На овој начин можеби би се постигнал некој светски баланс.

Почитувани читатели, оружјето кое го поседуваат државите исклучиво е наменето за уништување на човечкиот род. Во државните буџети се издвојуваат меѓу 3-10% финансиски средства собрани од граѓаните за воени потреби. Дали тоа е патот на нашиот цивилизациски развој или наша пропаст? Дали како разумни луѓе ќе разбереме дека на Земјината топка има 80 милијарди живи битија, и во флората и фауната без кои нашиот човечки живот би бил ништожен.

Господине Трамп, вразумете се! Останете онаков каков што бевте за време на првиот ваш претседателски мандат. Не се заканувајте со оружјето, не уценувајте со милитантни закани и вратете ја почитта кон сите ваши колеги низ светот. Со вашата грандиозна моќ обезбедете блескава иднина на сопствениот народ и целата светска заедница.

За траен мир во светот, потребни се моќни ама чесни лидери. Надуено, болно его кај луѓето на власт е причина за уништување на човечката цивилизација.

Светот е во заложништво. Дали ќе остане иднина или пепел зад нас…

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close