Тухел пред осминафиналето против Мексико: Пред нас е можеби највозбудливиот натпревар

Еден од трите домаќини на Светското фудбалско првенство Мексико доцна вечерва со почеток во 02 часот по средноевропско на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити ја пречекува Англија во рамки на осминафиналето.
Англичаните ќе се соочат со еден од најтешките натпревари на гостински терен на мундијалскиот турнир. Покрај големата поддршка која Мексиканците ќе ја имаат на трибините, дополнителни предизвици за избраниците на Томас Тухел се надморската височина од околу 2.200 метри и можноста за неповолни временски услови, поради кои изминатите денови дури се разгледуваше и можноста за промена на терминот на одигрување на натпреварот.
Мексиканската репрезентација, воедно, има импресивен рекорд од 70 победи, два нерешени и 17 порази на стадионот „Ацтека“ од отворањето на стадионот во 1966 година.
„Ова е можеби еден од најубавите и највозбудливите натпревари што можете да ги играте. Пред нас се многу пречки, а надморската височина ќе биде голем недостаток бидејќи не можеме да се адаптираме на неа за само четири дена“, рече англискиот селектор Тухел на официјалната прес-конференција.
Англија дојде до осминафиналето откако со пресврт триумфираше над ДР Конго со 2-1, додека Мексико го победи Еквадор со 2-0, што дополнително го зголеми оптимизмот кај домашните навивачи.
„Ова е натпревар за кој сите сонуваме. Знаеме колку е добра Англија и колку е физички моќна, но ние сме подготвени за голем предизвик“, порача мексиканскиот репрезентативец од средниот ред Алваро Фидалго.
Посебно внимание од мексиканските фудбалери се очекува да биде насочено кон англискиот напаѓач Хари Кејн, кој со пет голови е меѓу најдобрите стрелци на мундијалскиот турнир.
„Во оваа фаза од турнирот, најважно е да напредуваме. Сè уште имаме простор за подобрување, но сега најважно е да најдеме начин да победиме“, порача Кејн.






