Macedonian Open 2026: Победничкиот пехар во рацете на Калин Ивановски

– Македонскиот тенисер Калин Ивановски на фантастичен начин со освојување на победничкиот пехар го заврши настапот на овогодишниот турнир Macedonian Open, откако попладнево во финалето во Скопје го совлада Владислав Орлов од Украина со 2-1 во сетови (6-1, 0-6, 6-2) за 2 часа и 30 минути.
Ивановски на тој начин ја продолжи серијата победи по повредата на крајот од 2023 и сега има 13 победи и само еден пораз – две учества во финале на турнири од М25 серијата и четири победи за Дејвис куп репрезентацијата на Македонија.
Македонскиот тенисер финалето го почна одлично и по 1:1 во гемови направи два брејка и со ас сервис го заврши сетот добивајќи го со 6:1.
Но, во вториот сет сосема различна слика иако на теренот во првите гемови не беше така. Во првиот гем на сервис на Орлов беа одиграни 18 поени, а Ивановски имаше две брејк шанси сепак противникот поведе со 1:0, а во следниот гем направи брејк за водство од 2:0. Ивановски во четвртиот и во шестиот гем спасуваше по две брејк топки, но сепак Орлов сетот го заврши со 6:0.

Во третиот сет клучниот момент дојде во вториот гем на сервис на Ивановски, кога по 20 одиграни поени и три спасени брејк топки македонскиот тенисер израмни на 1:1 во гемови. Во следниот гем, Ивановски тенисер го освои гемот на сервис на противникот и поведе со 2:1, а оваа предност ја удвои со освојување на седмиот гем за водство од 5:2 во гемови. Последниот гем беше реализација на претходно сработеното.
За Ивановски ова беше 11. финале во кариерата и шеста турнирска победа, а прва по јули 2023 во австриски Крамсах.

За победата на турнирот во Скопје, Ивановски освои 25 АТП поени и 4.065 американски долари.






