Анализа на првиот изборен круг од локалните избори

Најнапред сите ние граѓаните на Република Македонија бевме многу среќни бидејќи немаше крвави настани околу гласачките места и помеѓу симпатизерите на политичките партии. Постојат информации дека се вршело мобинг, поткуп на гласачите да гласаат за одредени политички субјекти. Ова е девијантна појава која мора во корен да се уништи. За жал во мојата анализа политичките збиднувања ќе ги поделам меѓу македонскиот и албанскиот блок, бидејќи нашава држава така и функционира.
Навистина е чудно во унитарна држава каква што е Македонија да постои кај политичките партии национален предзнак, а говориме за демократија. Излезноста во првиот круг беше на мошне високо ниво. Убеден сум дека ваквата излезност се должи на големиот број на независни кандидати и кандидати на помалите партии во трката за градоначалничка функција и советници во општините. Шаренилото на кандидати градоначалници и советници даде посебна димензија што е за поздрав, а воедно за анализа во самите политички партии. Повеќе од јасно е дека довербата кај граѓаните во политичките партии е паднато на многу ниско ниво.
Во македонскиот политички блок се случи токму тоа што се очекуваше ВМРО-ДПМНЕ однесе убедлива победа во првиот круг, и по број на освоени градоначалнички места и советници во советите на општините каде истакнаа свои кандидати. Заслужува да се поздрави инспиративниот говор на Господинот Мицковски кој силно одекна во јавноста после затворањето на гласачките места, повика на обединување без присила. Владејачката СДСМ и нејзината коалиција добија максимум од она што е реално. Нивните очекувања беа големи. Жално е што не го чувствуваат пулсот на народот и да ја осетат својата вистинска вредност меѓу граѓаните.
За разлика од инспиративниот говор на господинот Мицковски каде повикува на обединување, бевме сведоци на идентичен говор од страна на господинот Заев кој повикува на обединување, меѓутоа обединување околу СДСМ и морам да кажам со вокабулар кој што воопшто не допира до нас граѓаните на Република Македонија. Господинот Заев го демонстрира натпреварувачкиот дух помеѓу него и Мицковски, барајќи од народот поддршка како да државата Македонија е сопственост на овие две лица. Посебно беше впечатлив говорот на Заев обраќајќи му се директно на „Мицко” да не се радува многу, потсетувајќи го дека борбата во вториот круг ќе биде во корист на СДСМ, сметајќи не на своите гласачи, туку на гласачите од неговите коалициски партнери. Тоа за мене е недостоинствен јавен настап. Не сум сигурен на кој начин господинот Заев ќе ги убеди гласачите-симпатизери на своите коалициски партнери да во вториот круг гласот го дадат на неговиот кандидат. Дали ќе имаме повторно меѓупартиско тргување за купување на гласови? Заклучувам дека господинот Заев токму на ова поле ја темели својата стратегија за успех на неговите кандидати во вториот круг на локалните избори. Чувствувам дека овој пат народот го казнува господинот Заев. Најтипичен пример за оваа казна е битката за прв човек на градот Скопје. Како поранешен градоначалник можам да кажам дека господинот Шилегов својот прв мандат го одработи многу солидно, не навлегувајќи дали градската каса била користена и за некои лукративни интереси. Најголемиот товар на господинот Петре Шилегов не му е Данела Арсовска туку е Зоран Заев.
Значителен е подемот на Левица кој што во својот развоен пат се движат планирано, чекор по чекор. Импресионира младоста во оваа партија и нивниот револуционерен пристап. Сигурен сум дека со револуција се руши систем кој што веќе не може да одговори на општествените потреби на човекот, меѓутоа за изградба на нов систем поправеден, похуман, подемократски се потребни многу поискусни и докажани индивидуи и тимови. Во моментов тоа не го гледам во Левица, меѓутоа сум убеден дека ќе дојдат до степен кога на ова поле ќе треба да се замислат длабоко.
Левица преминува во сериозна партија и потребни и се сериозни проекти и тимови кои што треба да ја осмислат и реализираат својата визија.
Во албанскиот политички блок, чувствувам дека е сè статус кво. И покрај големото незадоволство меѓу албанската популација од владејачката ДУИ, заклучувам дека ДУИ е толку длабоко вгнездена меѓу албанската популација што едноставно имам впечаток дека оваа партија е неуништлива. Останатите политички партии се трудат да ја добијат поддршката од граѓаните на оваа национална заедница меѓутоа ќе треба да помине уште долго време да таа нивна посветеност успее. Традиционалноста меѓу албанските гласачи е вградена во нивниот колективен код и тоа мора да го почитуваме, но мораме и упорно да работиме да вака вградениот код го релативизираме, бидејќи во основа се работи за многу силни општествени промени кои мораме да ги следиме и имплементираме со цел да изградиме општество по мерка на граѓаните. Убавите традиции треба да ги задржиме доколку се работи за автентична промоција која нуди респект. Традициите кои го назадуваат општествениот развој и развојот на поединецот мора да ги менуваме.

На крајот заклучувам дека бизнис лабораториите во самите партии ќе имаат многу работа во периодот до вториот изборен круг, бидејќи сум убеден дека во сите политички партии интересот е императив и дека ќе се оди со нечесни понуди кои што секако на крајот од денот ќе паднат на товар на нас, граѓаните на Република Македонија.
Вториот круг ќе биде огледало на прашањето какви меѓупартиски дилови се направени во периодот меѓу првиот и вториот круг. За ваквите дилови ние граѓаните мора да реагираме. Сакаме демократија? Претпоставувам да, јас ја сакам и затоа мора оваа девијантна појава во корен да ја сотреме, бидејќи таа е изворот на сите девијантни појави кој што следователно се појавуваат во нашето секојдневно живеење.
Трифун Костовски

Back to top button
Close