Јас и моите другари,

Почитувани читатели,

Во досегашните колумни пишував за некои мои другари со кои изминатите децении другарував. Во идните рубрики ,,викенд колумни” ќе продолжам да пишувам за другарите кои се дел од моето секојдневие, како и за оние кои ги стекнав релативно подоцна во животот.

Животот отсекогаш ми бил полн со предизвици, од најраната младост до денешен ден предизвикот е дел од моето секојдневие.

Сѐ уште не можам да разберам нешто, за кое можеби многумина би рекле дека е судбина, а некои пак умеат да кажат дека така требало да биде. Јас роден на оваа грутка земја Македонија, школуван и образуван во неа, со стекнати животни вештини и несомнено докажан успех во полето на бизнисот, каде кон крајот на 80-те години од минатиот век заминав во белиот свет да си ја пробам среќата и да спечалам за мене, моето семејство и моите најблиски, судбината ме дотурка до врвот на кариерата и голем успех во бизнисот. Ова се случува во период на 90-те години на минатиот век, а во првата половина на првата декада на овој милениум бев најсилниот добавувач на железна руда на полските железари, со годишни количини меѓу 3,5-4,5 милиони тони.

Но, глобализацијата се појави и утврди нов систем на функционирање на светскиот бизнис. Имав можност да останам и работам во Полска на полето на енергетиката, имав можности да инвестирам во Австралија, во рудници од сите можни номенклатури, почнувајќи од железна руда, бакар, алуминиум, племенити метали сребро и злато, па и дијаманти.

Токму во тие моменти преовлада мојата љубов кон Македонија и со сиот спечален капитал се вратив во Македонија.

Искуството во последниве две децении од моите инвестиции во Македонија е трагично.

Денес ја водам мојата битка поврзана со налудничавиот извршен стечај на Еуростандард банка. Се познавам себеси, меѓутоа дури во овие моменти разбирам дека не сосема сум го разбрал менталитетот на мојот сограѓанин. Бијам битка а,ла Дон Кихот, но заразлика од него моите непријатели се видливи. Врз плеќите го имам организираниот криминал кој е навлезен во сите пори од нашето секојдневие, политика, државни институции и личности со лукративни интереси на позиции во банкарскиот систем. Со носењето на Еуростандард банка во стечај се нанесе штета и на останатите правни субјекти во кои имам инвестирано. Штетата на овие правни субјекти надвор од Еуростандард банка е скоро два пати поголема од самата штета во Еуростандард банка.

Заклучокот е : спечалив надвор, а спечаленото го изгубив во Македонија.

Во изминатите две години се појавив на социјалните мрежи со цел јавно да ги искажам моите гледишта и моите сограѓани подобро да ме запознаат, бидејќи за себе мислам дека сум човек со доблесни и хумани особини. Политиката и политиканството во Македонија се длабоко навлезени во сите пори од нашето секојдневие. Честопати водени од политички побуди добивам навреди без никакви поводи и аргументи, меѓутоа убеден сум дека стекнав и многу пријатели меѓу граѓаните во Република Македонија. Токму од нив ја црпам силата да издржам на овој Дон Кохотовски пат, како и од моите другари кои ме подржуваат да истраам.

Ја користам денешнава колумна да им се заблагодарам на подршката најнапред на моите другари, на моите новостекнати пријатели на социјалните мрежи и сакам да им упатам една порака на таканаречените „непријатели” кои ги ставам под наводници бидејќи не чувствувам аргументирано непријателство, туку неразбирање, дека и во Македонија може да си богат и достоинствен на чесен начин. Искуството во Македонија е жално, бидејќи транзицијата ги изнесе на виделина валканите алишта на едно криминогоно и корумпирано општество каде поединци сакаат нечесно да се збогатат.

Не судам ниту осудувам, барам разбирање и дистинкција. Јас не сум транзициски профитер!

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close