Дефектен плурализам
Македонија веќе полни 35 години гради плурализам и како финале ја имаме најгрдата слика на еден дефектен систем
Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка, посебно ќе се осврнам на плурализмот кој полни 35 години се практикува во нашата Македонија. Ефектите од ваквото политичко уредување се дегутантни. Согласно мојата лична перцепција за она што секојдневно ни се случува, а тоа е токму дефектниот плурализам кој како државно уредување е вграден во уставот на нашата земја, немаме светла иднина за нашите поколенија.
По распадот на бившата СФРЈ политичкиот плурализмот, како современ систем за изградба на напредно општество, го имплементираа сите бивши ЈУ републики, вклучително и нашата Македонија.
Во составот на бившата СФРЈ, имаше републики кои во своето минато имаа искуство од сопствениот политички плурализам.
За жал, Македонија е една од земјите каде никогаш не постоел државен повеќепартиски систем. Плурализмот во Македонија влезе на голема врата, сметајќи дека ваквиот политички систем во светот изнедри силни економски држави со висок животен стандард за своите сограѓани.
Основно прашање кое се поставува пред мене е дали ние граѓаните во Република Македонија навистина знаеме како политичкиот плурализам да го имплементираме во нашиот систем? Немаме искуство од минатите времиња, а како држава се однесуваме како да знаеме како функционира тој напреден плуралистички систем, без да ги поминеме и имплементираме базичните начела за таков политички систем.
Најсилните сегменти во плурализмот се моралот и етиката на секој поединец кој ќе се зафати да влезе во водите на политичкиот живот. Без такви морални и етички критериуми коишто треба да бидат вградени во политичарите, не можеме да очекуваме вистински плурализам и напредок во државата. Напротив ќе добиеме систем кој ќе биде украден од граѓаните и податливо подарен на политичките партии и нивните поединци.
Креаторите на нашето секојдневие, носители на највисоки политички и државни функции, остануваат недопрени од системот, иако зад нивното владеење има несомнено силни докази и аргументи дека својата позиција ја злоупотребиле за нивното лично богатење или богатење на нивните блиски сопартијци.
За вакви личности, а има повеќе примери, како после направениот криминал стануваат „побегуљи” , а ние како држава не правиме никаков чекор за преземање мерки за нивно враќање во земјата и носење пред суд.
Јас и многумина како мене вљубеници во својата татковина, ја плаќаме цената за ваквиот деструктивен плурализам во нашата држава.
Во текот на изминатите 35 години, секоја партиите на власт ги става под своја капа и контрола, како поединците од партијата така и целиот законодавен и безбедносен систем. Системот кој во основа треба да го штити обичниот граѓанин е киднапиран од припадниците на партиите на власт. Институциите на прогонот и судството се заробени во интерес на партијата на власт и нејзините поединци.
Штитењето на своите партиски учесници во власта е синоним за владеењето во Македонија. Замислете, партијата ДУИ најавува бојкот и политичко дестабилизирање на локалните избори, доколку нивниот бивш министер за економија Бектеши остане и понатаму под истрага во случајот за 62 наши деца кои изгореа на кладата во Кочани. Партијата ДУИ молчи за некогашниот вицепремиер Артан Груби кој побегна од лицето на правдата поради неговиот направен криминал.
Замислете, партијата ДУИ нема никаква одговорност и не подлегнува на никакви последици, бидејќи токму тие го именуваа и поставија на позиција Артан Груби. За каква етика, морал и праведност станува збор?
Ве прашувам вас, почитувани читатели, како е можно како вљубеник во сопствената Македонија и своите сограѓани, пред коишто важам за најголем ктитор и хуманист во историјата на нашата држава, наградуван со сите највисоки државни и верски награди и признанија, (признанија кои не сум ги нарачувал, туку со своите дела сум ги заслужил и од државни институции и верски заедници), веќе цели пет години упорно се борам правдата да излезе на виделина.
Јас продолжувам, верувам во актуелната влада, дека има за цел да го стабилизира целиот правосуден систем. Го молам Бога сите активности да бидат во интерес на граѓаните, а не како досегашното практикување државните органи да бидат ставени под капата на властодршците.
Крајно време е да се стави крај на корупцијата и да почнеме да градиме вистински, а не дефектен плурализам во нашата сакана Македонија.