Диктатурата на националниот интерес

Отсуството на спомнување на клучниот поим во културата наречен КВАЛИТЕТ во пријавите за Годишниот конкурс за проекти од национален интерес може да е случајно. Може, но и не мора да биде. „Случајностите“ не можат да се провлекуваат со години.
Од друга страна, целата македонска реалност е веќе преполна со чудни „случајности“ што човек објективно започнува да се сомнева. И да станува параноичен, нормално. Или и оваа веќе радикална неспособност во справувањето со пандемијава но (наводно) успешно маскирана со замена на тези е резултат на некаква „случајност“ или на нечија неспособност? Некој ќе каже дека и делегирањето на оној довчерашнион… – ај да го премолчам квалификативот – за наш претставник кој на источниот сосед ќе му ги објаснува нашите позиции за јазикот, идентитетот, историјата… е исто така случајност? Или (и) тоа е можеби – национален интерес?
Како и да е’, националниот интерес најчесто го подметнуваме кога не знаеме да го објасниме неквалитетот, нестручноста, неукоста… односно другите намери коишто не сакаме да ги именуваме. Па така и во културата, а следствено, со години, и во тој фамозен Годишен конкурс за проекти од национален интерес. А всушност, тој национален интерес (raison d’État) не е ништо друго туку некаков симплифициран збир на државни цели и амбиции главно во зачувувањето на уставниот поредок, надворешната политика, одбраната, евентуално економијата… Ама во културата? Зошто, ве молам, би била национален интерес нечија изложба во Скопје или Прилеп, на пример, или поставувањето на некоја претстава во театарот во Битола или во Драмскиот театар во Скопје? Будалаштина! Некој веројатно мислел дека со тоа и’ додава на културата некакво значење, но попрво е дека овде тој национален интерес е употребен во смислата што му ја дава Pierre Lemieux нарекувајќи го алатка на тиранијата бидејќи го оправдува наметнувањето на преференците на едни врз други. А кај нас, во културата, воведувањето на алатката викана „национален интерес“ е токму тоа: власта, преку органот надлежен за работите во културата и министерот одговорен за тој ресор буквално наметнува своја волја/избор на проекти наводно битни за културата во државата.
Тоа, понатаму, се трансформира во соодветен механизам за задоволување на партиските односно партократските интереси на малцинството (партиско, или коалициско) врз мнозинството (непартиско, неопределно, но во одреден дел и опозициско). И понатаму, во најлошата негова варијанта, тој (самонаречен) национален интерес во културата се промовира како замена за не толку звучниот, помпезниот, сугестибилниот поим – квалитет! А тоа вешто го користат партиските официозуси наметнувајќи радикална диктатура на националниот интерес врз квалитетот. Следствено, еднаш добиената налепница на уметник од национален интерес – а дури и денес ги имаме неколкумина, зашто тоа „право“, велат, не можело да им биде одземено – во општества како нашево ви трае речиси цел живот. Неотповикливо, незаменливо, неодзимливо… Впрочем, што мислите: зошто инаку беше воведена онаа категорија „национални уметници“, од којашто и денес не можеме да се ослободиме? И зошто воопшто е наш национален интерес на неколкумина во културата да им даваме по илјада евра државни пари? Немаат доволно свои? Па како не, кога секоја година дополнително ги алиментираме од сите други ставки?! Тој и таков „национален интерес“ служи токму како маска за некаков претпоставен а ретко кога оправдан квалитет! И ја носите додека дишете и никој ништо не ви може – вие сте од национален интерес. И понатаму, во постојниот Закон за културата како еден од најголемите монструми што се појавил во македонската култура, има уште редица нелогичности, небулози, контрадикторности во врска со тој „национален интерес“ и културата. На пример, т.н. дејности во културата не се од национален интерес, ама се финасираат со средства од националниот интерес; национален интерес можат да остваруваат и поединци (!?) – можеби нешто слично како оној Љ.Г. денес во Бугарија, што ќе рече дека и тој човек ни е од национален интерес?! – и уште редица други. И сето тоа како параван поединци, групи, институции… годишно да инкасираат средства доволни за комотно преживување, дури и благосостојба.
Впрочем, кај нас нема гаранции дека и кога ќе се донесе – ако се донесе – новиот закон за финансирањето на јавниот интерес во културата нештата ќе бидат поинакви. Ние како општество не сакаме такви нагли и драстични промени. И ни треба време (божем) да се прилагодиме. А впрочем, претходниот министер, оној „лекар“ за културата, вметна такви небулозни додавки и придавки во текстот што и тој закон сега, уште недонесен, може да оди во пензија! Зашто, мислам дека, прво, дури го донесеме тој закон, веќе и поимот на јавен интерес нема да биде тоа што треба да биде. Второ, поимот јавен интерес во светот ќе претрпи редица нови трансформаци а ние повторно ќе останеме на опашката на случувањата. И трето, целата онаа багра апаратчици, клиенти, абоненти… од партиска и коалициска провениенција само ќе ја смени налепницата од (партиски) „уметник“ од национален интерес во (партиски) „уметник“ од јавен интерес. Суштината на квалитетот повторно ќе биде делотворно избегната, оставена за некои подобри времиња коишто кај нас никако да дојдат! И понатаму ќе имаме луѓе/култура без квалитет, ама од национален/јавен интерес!!!






