Еуростандард банка и политичките партии во Македонија

 

Почитувани читатели, денешната колумна ќе ја посветам на политичките партии во Македонија кои во основа го креираат и реализираат нашето севкупно живеење во Македонија.

На темата поврзана со стечајот на Еуростандард банка пишувам еднаш неделно во последните 20 месеци. Во континуитет укажувам на евидентните пропусти направени од Народна банка, учеството или соучеството во отворањето на стечајната постапка на техничката Влада, предводена од Оливер Спасовски, молкот којшто владее во институциите на прогон, вклучително и судството и аномалии во водењето на самата стечајната постапка од страна на стечајниот управник Душко Тодевски. За жал констатирам дека не само институциите на прогон кои не реагираа на моите јасно покажани недоследности, туку и политичките партии од власта и опозицијата ги обвива молк поврзано со овој криминално наметнат стечај на Еуростандард банка.

Првата реакција на политичките партии беше веднаш после стечајот со јавно соочување на сите актери пред Комисијата за финансирање и буџет. Единствено во овој момент политичките партии покажаа интерес повеќе да се запознаат со случајот на Еуростандард банка. После овој распит од за мене непознати причини оваа собраниска Комисија го затвори случајот, иако токму таа комисија во рамките на Собранието на Република Македонија е единствениот овластен орган кој има право да го контролира работењето на Народна банка. Некористењето на инструментите вонредни мерки и администрација кои Народна банка ги има на располагање за санирање на банката и неприфаќање на потенцијален инвеститор со свеж капитал се повод каде оваа институција треба да биде ставена на детална контрола. Тоа не се случи. На самиот распит членовите на Комисијата наместо да се внесат во генезата на овој стечај тие се насочија во меѓусебни партиски обвинувања. Ефект нула. Од овој настан епилог нема, туку само во моите архиви ги имам записите од исказите дадени од сите испитаници. После овој распит владее невиден молк и незаинтересираност од политичките партии во Република Македонија. Ако е разбирливо да овој молк е присутен во партиите на власт, воопшто не можам да го разберам молкот кој владее во опозициските партии кои несомнено инсистираат на предвремени парламентарни избори. Се прашувам себеси и вас, дали има причина за ваков молк на партиите од опозицијата? Ако нашата Македонија по Транспаренси Интернешнл на светско ниво по организиран криминал и корупција е меѓу 80 и 110 место во светот, тогаш не ги разбирам програмите на партиите кои претендираат за освојување на власта дали на редовни или вонредни парламентарни избори како ќе се соочат со ова општествено зло ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА? Која е самостојноста на самите политички партии од финансиски аспект? Дали овие партии немаат намера да се справат со ова општествено зло? Дали овие партии имаат заеднички именител во одредени групи и институции кои ги контролираат? Дали постои сива еминенција во Македонија која го владее општествениот и политичкиот живот во Македонија?

Почитувани читатели, токму тука е мојот неспокој. Извештајот од мојата приватна истрага е готов. Се плашам дека при неговото обзнанување во јавноста,истиот ќе биде игнориран. Дали е на повидок солидарност меѓу партиите на власт и опозиција по ова прашање кога треба да се скрие криминалот? За мене е неразбирлив молкот, посебно на партиите од опозицијата да не бидат длабоко заинтересирани за вистината околу стечајот на Еуростандард банка. Случајот на Еуростандард банка не е единствен. Има многу слични или исти оштетени правни и физички лица во денешна Македонија. Дали ќе дојде време за конечно отворање на вистинска борба против организираниот криминал и корупција или партиите ќе продолжат да го практикуваат системот „СЈАШИ КУРТА ДА УЗЈАШИ МУРТА“. Мене ми е преку глава на практикување на политички плурализам од овој тип во Македонија. Сакам правна држава каде јас и моите сограѓани ќе бидеме заштитени од страна на сите институции. Ние граѓаните на Република Македонија бараме правна држава а политичките партии се тие кои треба да го обезбедат тоа.

Правдата сакам да ја барам во мојата татковина и сакам тука да го решам проблемот. Повторувам по којзнае кој пат. Нема да се откажам од оваа моја борба сè додека ме служи здравјето и умот, а вие што одлучивте да се занимавате со политика размислете.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close