Еуростандард банка – Николче Петковски

 

1.Црни позајмици, 2. Двојно менаџирање, 3. Незаконско работење-нефункционалност на институции, 4. Малверзации, 5. Близок до власта, 6. Близок до Комерцијална банка

Несомнено дека со моите неделни колумни врзани за стечајот на Еуростандард банка ви станувам досаден. Вашата на моменти незаинтересираност да го пратите овој процес потполно ја разбирам, имајќи ја впредвид севкупната состојба во Р. Македонија, па и на светско ниво. Војната во Украина, енергетската криза, пандемијата Ковид-19 го направија животот да биде многу потежок и неизвесен. Верувајте дека на моменти сам себе си сум досаден од мојата силна посветеност за расчистување на ова злосторство. Честопати во јавноста ме повикувате да споделам конкретни докази и имиња поврзани со криминалното работење во Еуростандард банка.

Еве, денес прв пат ќе проговрам за едно од лицата кое е најдлабоко запознат со генезата за стечајот на Еуростандард банка. Говорам за лицето Николче Петкоски, прв Генерален директор кој банката ја водеше повеќе од  10 години.

Николче Петкоски е човек кој остава впечаток на сериозна и професионална личност. Ова слободно можам да го кажам бидејќи од првата средба која се одви во 2010 година од моја страна беше почитуван и третиран како дел од моето семејство до последниот ден откако мораше да си замине од функцијата на Генерален директор.

Николче Петкоски, човек во кого имав неограничена доверба, беше дел од моето секојдневие. Немаше веселби и прослави а Николче со семејството да не беше присутен на нив. Мојата доверба кон Николче порасна повеќе откога ги запознав неговите родители, домаќини, што велат старите до коска. Во изминативе 20 месеци се прашувам цело време каде згрешив? Во едно сум сигурен, бидејќи на тој начин се практикува довербата во западниот свет “верувај секому, ама проверувај ”. За жал јас тоа не го сторив од причини што сметав дека за работењето во банката има служби кои треба по закон да го контролираат работењето во банката, а посебно на првите луѓе во банката. Во самата банка постоеше систем на контрола кој не дојде до израз да го обзнани пред нас акционерите и Надзорниот одбор, беззаконието кое веќе владеело во банката. Како Претседател на Надзорниот одбор сите седници се водеа како по шаблон и денес сум убеден дека сум прелажан. Јас сум стопанственик, меѓутоа не сум банкар. Во самиот Надзорен одбор учествуваа еминентни стручни лица од банкарството како Проф. Мирослав Шукаров, Гале Галев и други кои исто така беа прелажани. Службите во банката кои требаше да го контролираат работењето во банката беа замолчувани од тогашниот Управен одбор, двоецот Петкоски-Николовски.

Да не се лажеме, Народна банка многу добро знаеше преку своите служби за незаконското работење на банката, ама молчеше. Со ова сакам да кажам дека креаторот на криминалот во Еуростандард банка е тим составен од банкари и бизнисмени кои работат тимски и дефинитивно сум убеден дека имаат политичка и институционална заштита.

Николче Петкоски е првиот човек кој ја знае целата вистина за таканаречениот систем на позајмици во банката што со години беше практикувана.

Николче Петкоски ги држеше сите конци во банката, бидејќи неговиот заменик Зоран Николовски мораше да молчи од само нему разбирливи причини, велејќи дека неговото работење во банката е исклучиво да ја прати ликвидноста на банката што гледајќи од денешен аспект е nonsense. Невозможно е како втор Генерален директор да не биде запознаен со таканаречените црни позајмици. Да појаснам: позајмиците во банката се практикувале за фирми кои не се кредито способни, а имале потреба од финансиски средства, спремни да платат и повисоки камати. Токму тука ситниот интерес кој се појавил во банката, ама не во интерес на банката туку во сопствен интерес ги носи последиците кои денеска се катастрофални.

Алармот дека ѓаволот ја однел шегата со ваквите позајмици кои се практикувале со банката се вклучи во 2019 година кога на мое нсистирање сакав да бидам запознаен со предметот ЗЕУС. Замислете, фирмата ЗЕУС, сопственост на вујкото на Николче Петкоски, човек во длабока пензија, формира фирма со 5,000 евра непаричен влог, добива кредит од Еуростандард банка  1,2 милиони евра со гаранција меница и кои пари во рок од 4 дена се дистрибуирани како позајмици на многу познати и непознати клиенти. Двојното менаџирање на Господинот Петкоски како прв Генерален Директор на Еуростандард банка и приватното менаџирање со парите од банката беа повод за неговото разрешување.

Новиот Управен одбор, овој пат предводен од Горан Трајковски, заедно со нас акционерите објавивме војна на позајмиците со посветеност овие незаконско одлеани пари час поскоро да се вратат во банката.

Посветеноста на новиот Управен одбор вроди со плод и во многу краток период успеавме да вратиме голем дел од парите. Почнувајќи од септември месец 2019 година, со присилни наплати и посветеност за враќање на позајмиците наплатувавме од 2,5-3,0 милиони евра месчно и објективно од одредени структури во Народна банка добивавме силни поддршки и пофалби дека сме на добар пат за стабилизација на банката. На почетокот на 2020 година вонредната состојба од пандемијата Ковид-19 ни ги врза рацете за присилна наплата на побарувањата цели 97 дена, со одземена лиценца да работиме со правни и физички лица. Единствено чисти приходи банката имаше од платежните трансакции преку експозитурите на Македонски пошти кои на месечно ниво достигаа од 1,4-1,6 милиони трансакции. Банката се однесе во стечај на 12 август 2020 година, еден месец  по завршувањето на вонредната состојба.

Мој заклучок: лицето Николче Петкоски бивш Генерален директор на Еуростандард банка е личност за која се води истрага. Епилог од истрагата нема, иако на сите ни е јасно дека Господинот Николче Петкоски знае се околу малверзациите правени во Еуростандард банка и надвор од неа. Николче Петкоски близок до владеачката партија СДСМ и посебно близок до врвните структури на оваа партија имаше и сѐ уште ја има нивната заштита од криминално гонење. Ова укажува на фактот дека неговата блискост со бившиот премиер Зоран Заев и фирмите блиски до кланот Заеви се главните корисници на овие таканаречени позајмици, незаконски одлеани пари од банката. Невозможно е да внатрешните структури во банката , а посебно Народна банка не знаеле за овој начин на одлевање на финансиски средства.

Блискоста меѓу Николче Петкоски со Управниот одбор на Комерцијална банка уште повеќе дава сомнеж за поврзаноста на Комерцијална банка во овој криминал. Ова го поткрепувам со следниве два факти:

  1. Фирмата ПРОТОТИП официјално клиент на Комерцијална банка е преземена од Еуростандард банка со 2,5 милиони евра ненаплатлив кредит, од причини познати само на Николче Петкоски. Надзорниот одбор и ние акционерите за ваквиот чекор воопшто не бевме запознаени.
  2. Депозитот од 3,0 милиони евра во Комерцијална банка, исплатен од Еуростандард банка како гаранција на ГОФИ ДООЕЛ Скопје, сопственик на зградата Поштенска банка е незаконски користен. Овој депозит без согласност на Надзорните одбори на двете банки не смееше да биде користен. Во времето пред стечајот овој депозит беше нелегитимно дозволен да се користи од Комерцијална банка и од средствата немаме никакви траги.

Има ли место за сомнеж?

Денес се сомневам дека и стечајот на Шеќерана Битола во 2017 година, беше организиран и помогнат со учество на Николче Петкоски. Тука во Шеќераната Битола изгубивме 2,0 милиони евра. Стечајот на Шеќерана Битола е вон сите норми за отварање стечај. Меѓутоа со помош на коруптивните институции судство и обвинителство тој е реализиран и затворен.

Почитувани читатели  истрагата која приватно ја водам е скоро завршена. Се плашам од реакциите при обзнанувањето на истражниот материјал околу стечајот на Еуростандард банка кој директно или индиректно го засегаат сиот банкарски сектор. Се плашам од можни тектонски пореметувања во целата држава. Порано или подоцна доколку претендираме да правиме правна држава мора на виделина да ги извадиме сите аномалии кои го кочат нашиот натамошен развој.

На крајот праќам порака до Николче: те молам обзнани ја вистината околу стечајот на Еуростандард банка. Колку што можам ќе се потрудам да те разберам, ама дај биди човек таков како што те доживував. Убеден сум дека и за тебе животот  е пекол. Смири си ја совеста и обзнани, така ќе бидеш и ти помирен.

Трифун Костовски

Back to top button
Close